Посебно проблематично е прашањето на генерациската правда. Додека младите асистенти се соочуваат со построги услови, несигурни договори и финансиски ограничувања, на пензионирани професори им се отвора можност да продолжат да предаваат. Тоа создава впечаток на затворен круг, каде академската обнова се одложува. Ако сакаме свежина, иновација и нова енергија, мора да создадеме простор за младите научници, а не да ги оттурнуваме кон странство.
Жанета Ќосе
Колку и да звучи грубо, суштинското прашање денес не е дали ќе имаме „реформи“, туку дали ќе имаме кој да ги спроведува. Што ќе ни е закон за високо образование, ако младите ни заминуваат во еден правец? Ако најамбициозните, најталентираните и најперспективните дипломци ја гледаат иднината надвор од државата, тогаш секоја реформа што не го адресира тој факт е само козметика.
Министерката Весна Јаневска уверува дека предлог-законот нема да се повлече, дека станува збор за меритократија, интернационализација и европски стандарди. Но, во пракса, текстот отвора сериозни дилеми за автономијата на универзитетите, за социјалната праведност и за вистинските приоритети на државата. Инсистирањето дека „мнозинството професори го поддржуваат законот“ не е аргумент сам по себе. Реформите во високото образование не се број на кренати раце, туку прашање на системска визија и долгорочна стратегија.
Кога Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку својот лидер Венко Филипче предупредува на централизација на моќта и политичка контрола врз универзитетите, тоа не смее да се отфрли со леснотија како „партиска реторика“. Одредбите што му даваат на министерот право да запира акти, да иницира статусни промени и да предлага членови во универзитетските совети отвораат реален ризик од политичко влијание. Универзитетот не е подрачна единица на извршната власт. Тој треба да биде простор на критичка мисла, автономија и интелектуална слобода. Без тоа, секој повик на „европски стандарди“ останува празна флоскула.
Забелешките на СДСМ за забраната на вонредни студии се, исто така, суштински. Во земја со ниска просечна плата и висока социјална несигурност, вонредните студии не се луксуз, туку шанса за втора можност. Забраната особено ги погодува жените кои се обидуваат да го усогласат образованието со мајчинството и работните обврски. Ако државата навистина сака повеќе наставници, повеќе образовани граѓани и повисока конкурентност, тогаш рестрикциите не се патот. Образованието мора да биде флексибилно и инклузивно, а не ексклузивно и бирократски затворено.
Посебно проблематично е прашањето на генерациската правда. Додека младите асистенти се соочуваат со построги услови, несигурни договори и финансиски ограничувања, на пензионирани професори им се отвора можност да продолжат да предаваат. Тоа создава впечаток на затворен круг, каде академската обнова се одложува. Ако сакаме свежина, иновација и нова енергија, мора да создадеме простор за младите научници, а не да ги оттурнуваме кон странство.
И тука доаѓаме до клучниот феномен, Браин драинот. Одливот на мозоци не е само економски проблем, туку цивилизациски. Кога млад човек ќе замине, со него не заминува само работна сила, туку потенцијал, идеи, семејства, потомци. Демографската криза не е апстрактна. Таа се мери во затворени училници, во празни студентски домови, во намалени генерации.
Словенија веќе нуди бесплатно образование и современи студиски програми, лаборатории, практична настава и вклучување во меѓународни проекти. Во академската 2024/2025 година таму има 11.918 странски студенти, а повеќе од илјада се од регионот, вклучително и од Македонија. Тоа не е случајност, туку резултат на стратешко вложување. Додека ние расправаме дали некој труд е доволно индексиран, соседите градат услови што ги привлекуваат нашите најдобри матуранти.
Како што предупредуваше Зигмунт Бауман, во „течната модерност“ највредниот капитал е мобилен – луѓето лесно се движат таму каде што има можности. Ако државата не создава перспектива, таа ќе стане само транзитна станица. Браин драин е токму тоа – тивка миграција на надежта.
Во тој контекст, падот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје под првите 2.000 универзитети според Center for World University Rankings е симптом, а не причина. Додека Универзитет во Белград и Универзитет во Љубљана се позиционираат меѓу најдобрите 500, ние тонеме. И тоа не поради недостиг на талент, туку поради недостиг на систем.
Строгите критериуми за објавување во списанија со импакт фактор можеби звучат модерно, но без финансиска и институционална поддршка тие стануваат товар. Хуманистичките и правните науки имаат поинаква логика, различен контекст и ограничен број високорангирани списанија. Механичкото изедначување со природните науки создава неправда и ја игнорира спецификата на дисциплините. Аргументите дека науката не смее да стане „луксуз“ достапен само за оние што можат да платат илјадници евра за објавување се повеќе од издржани, тие се прашање на суштинска правичност.
Ако на сето ова се додадат намалените средства за студентски стандард, условите во домовите и краткорочните популистички мерки, сликата станува уште појасна. Наместо долгорочна стратегија, добиваме административни корекции. Наместо визија за задржување на младите, добиваме закон што повеќе дисциплинира отколку што мотивира.
Нема „волшебно стапче“ што веднаш ќе ги реши проблемите. Но има нешто што мора да постои – искрен дијалог, прифаќање на аргументи и подготвеност за корекција. Арогантниот однос, во кој секоја критика се доживува како напад, а не како можност за подобрување, е најлошиот можен пристап.
Зашто ако продолжиме вака, нема да не спаси ни Web of Science, ни нов закон, ни административна реорганизација. Без луѓе, без млади, без доверба – системот се распаѓа. А распаѓањето е процес на ентропија. Во физиката, ентропијата значи постепено преминување од ред во хаос. Во општеството, тоа значи губење на енергијата, на надежта, на човечкиот капитал.
Ако дозволиме Браин драинот да стане нормалност, ако ги игнорираме издржаните забелешки и ако законите ги кроиме по мерка на моменталната власт, тогаш не само што ќе паднеме на листите – ќе паднеме како држава. Време за чекање нема. Затоа што прашањето не е дали ќе имаме закон. Прашањето е дали ќе имаме академци и иднина.




