Бремените жени и лицата над 60-годишна возраст да бидат ослободени од работните обврски, децата во градинките да немаат физички активности во периодот од 11 до 17 часот, приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците и да се избегнува престој на отворено од 11 до 17 часот.
Ова се препораки кои беа донесени на вчерашната седница на Владата, откако Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) ги информираше институциите дека денеска и утре ќе имаме високи температури и територијата на целата држава ќе биде во портокалова фаза. Температурите на повеќето места ќе бидат над 35 степени, а во југоисточните подрачја и над 40 степени.
„Ослободување од работните обврски на најранливите групи на население, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во установите за згрижување на децата, (градинките) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран, да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област. Со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците потребно е соодветно организирање на работното време со избегнување престој на отворено од 11 до 17 часот, се наведува во соопштението на Владата.
Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници.
Под влијание на топол бран денеска и утре температурите на повеќето места ќе бидат над 35 степени, а во југоисточните подрачја и над 40 степени.
Како што соопшти УХМР, за време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, а ќе има услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Температурите значително ќе се намалат.
Утринските температури ќе се движат од 13 до 24 степени, а дневните од 28 до 42 степени. Вредноста на УВ-индексот ќе биде 8.