Текстот е подготвен за БИРН (Балканска истражувачка мрежа)
Помеѓу новинарите во Македонија веќе e легендарен одговорот кој што премиерот Никола Груевски му го даде на претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо на средбата во Охрид пролетта 2011 година.
“Ве поканувам да поседите една недела во земјава, да погледате телевизија и лично да се уверите во слободно новинарство”, возврати Груевски на забелешките на високиот функционер од Европската комисија.
Новинарот Владо Апостолов од неодамна затворениот весник“Фокус” вели дека уште тогаш требаше да ѝ биде јасно на Европската комисија дека владата нема намера да ги решава проблемите со новинарските права и слободи.
„По се изгледа ѓаволот ја однесе шегата и кога денес ги гледам млаките реакции на Европската комисија во однос на слободата на говорот, си велам, да не случајно Баросо таа пролет реши да му верува на збор на премиерот,” прашува Апостолов.
Апостолов, исто така, се присетува и на млаките реакции на ЕУ во однос на драматичните настани од 24 декември 2012 година кога новинарите беа исфрлени од парламентот.
„Толку млаки што не можам ни да се сетам што точно рекоа,“ вели тој.
Од голема надеж до големо ништо
Баросо таа година ја посети земјава во април, а веќе следниот месец, на 6 мај, Европската унија беше домаќин на првата „Speak up“ [Проговори] конференција за слободата на медиумите и изразувањето во земјите од Западен Балкан и Турција.
Повеќе од 400 учесници од регионот заминаа со голем ентузијазам дека на конференцијата ќе се адресираат вистинските проблеми и ќе се бараат решенија за излез од речиси очајните состојби со медиумите на Балканот, особено во Македонија.
„Надежта беше голема“, вели Борјан Јовановски, еден од учесниците на конференцијата.
„Еден од заклучоците на конференцијата беше дека треба да се организираат некакви форми за поддршка и развој на истражувачкото новинарство“.
„И впечатокот беше силен, мислевме дека нашата порака беше разбрана, таква беше и нивната повратна реакција… Но, од тогаш до сега во Македонија, јас барем не гледам дека има каков било импакт од првата конференција”, вели новинарот.
Но, ако се сумираат промените во Македонија во однос на слободата на говорот во последните две години, новинарите и медиумските експерти за БИРН велат дека состојбите се влошени.
Медиуми се затвораат, професионалните новинари со долгогодишно искуство се спречени да работат, а расте и бројот на тужби против новинарите, велат соговорниците.
Извештаите на клучните организации кои ги набљудуваат медиумсктие слободи во државите, како што се „Фридом Хаус“, „Репортери без граници“ и „Глобал Интегрити“, го посочуваат влошувањето на состојбите.
Владините реклами како средство за поткуп и контрола на медиумите, нејасното сопствеништво, пристрасноста на јавниот сервис, мизерните социјални и работни права на новинарите, директните вербални напади кон новинари од страна на високи претставници на Владата, меѓу кои и премиерот, цензурата и самоцензурата се главните проблеми околу кои се насочени острите критики од страна на меѓународните организации.
Светскиот индекс на слобода на медиумите за 2013 година објавен во јануари, а кој го изработува „Репортери без граници“ ја рангираше Македонија на 116. место од вкупно 179 држави, бележејќи пад од 22 места споредено со претходната година и дури 82. места споредено со 2009 година кога земјата беше рангирана на 34. позиција на индексот на слободи.
Премиерот Никола Груевски одби да одговори на пратеничкото прашање на што се должи падот на скалата на “Репортери без граници”.
Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) вели дека се загубени речиси 900 работни места во медиумите.
„Тоа беше катастрофален удар. Медиумскиот пазар се презасити со невработени новинари и медиумски работници, а сопствениците ја искористија ситуацијата да ги намалат трошоците и да ги уценуваат или да им се закануваат на новинарите ако не се послушни,“ вели таа.
Во изминатите години и Европската комисија изразува загриженост за состојбите со медиумските слободи.
“Цензурата и самоцензурата се широко распространети и загрижуваат”, ќе констатира Европската комисија во извештаите за напредокот на Македонија од 2009, 2010 и 2011 година.
„Многу ограничен број на независни медиуми се активни и изразуваат различни погледи без рестрикции, особено преку интернет,“ ќе заклучи Стејт Департментот на САД во нивниот последен извештај за човекови права објавен во април годинава.
„Владата е најголем огласувач во земјата и ги фаворизира медиумите и новинарите кои ги смета за пријателски,“ пишува во извештајот на Стејт департментот.
Македонските провладаини медиуми ги отфрлаат овие критики. Минатиот месец дневниот весник „Дневник“ објави текст во кој ја доведува во прашање автентичноста на извештаите на меѓународните организации како „Репортери без граници“, а особено новинарите кои тие ги консултираат за извештаите.
Текстот од насловната страница имаше за цел да покаже дека оценките не се ниту фер, ниту релевантни, и дека уредниците и новинарите од провладините медиуми не биле прашани.
Во меѓувреме, поделбите во медиумите се заострија, а новинарите се рутински поделени на „патриоти“ и „предавници“ каде провладините медиуми редовно составуваат листи на таканаречени предавници, шпиони и геј новинари со цел да се дискредитираат медиумските непријатели на власта.
Затворени медиуми – замолчени критичари
За време на летото во 2011 година се затвори највлијателниот медиум во земјата првата независна телевизија, А1, како и весниците „Време“, „Шпиц“ и „Коха е Ре“, сите во сопственост на Велија Рамковски кој денес е во затвор. Сите овие медиуми беа критични кон политиките на Владата.
Рамковски беше осуден за финансиски криминал и даночно затајување, но Европската комисија и тогаш во извештајот изрази загриженост поради селективниот пристап во процедурата.
Само затворањето на овие медиуми остави околу 500 новинари и медиумски работници без работа.
Бројот на невработени новинари оттогаш наваму постојано расте, а продолжи со неодамнешното затворање или статус кво на неделниот и дневен весник „Фокус“, како и претходните затворања на магазините „Форум“, „Глобус“ и „Граѓански весник“, дневниот весник „Ден“ и телевизијата АБ канал.
Дополнително, новинари беа отпуштани од медиумите како „Утрински весник“, ТВ Алфа и други.
Во меѓувреме, и оние малку останати критични гласови се под закана. Иднината на неделникот и дневник „Фокус“ е неизвесна по ненадејната смрт на сопственикот и новинар Никола Младенов.
Во меѓувреме Европската комисија го започна дијалогот на високо ниво со Владата на Република Македонија со цел да ги поттурне реформите во земјава. Една од главните точки во кои Македонија треба да оствари напредок е токму слободата на медиумите.
Дијалогот беше најавен во март 2012 година, а потоа, во рамките на тој дијалог започна и дијалогот помеѓу Владата и Здружението на новинари. Еден од предметите Една од точките на овие преговори беше и проблемот со тужбите против новинарите. Намерата беше во заеднички дискусии да се промени законот и да се декриминализира делото клевета и навреда. По еден месец, еврокомесарот за проширување Штефан Филе, во Скопје ги презентираше првите заклучоци од напредокот во дијалогот. Изненадените новинарите таа прес конференција ја паметат по отворените фалби на адреса на Владата и ниту една критика за слободата на медиуми.
“Никогаш нема да го забораваме насмеаното лице на еврокомесарот кога застанат до Груевски рече дека е многу задоволен од напредокот во сферата на медиумите”, вели новинарката Зорана Гаџовска од Радио Слободна Европа.
„Сите ние новинарите останавме без зборови“, додава таа. „А кога се поставуваа прашања, ние таканаречените критични новинари не бевме помеѓу оние кои добија можност да постават прашање“, додава таа.
Подоцна истата година се усвои и законот со кој клеветата и навредата се декриминализираа. Во истиот ден со одлука на Советот за радиодифузија се затвори и А2 телевизија, со што згаснаа и последните обиди на поранешните новинари од А1 да задржат дел од медиумскиот простор.
Штефан Филе на својот твитер профил повторно го обзнани своето задоволство од донесениот закон. Синдикатот на новинари декриминализацијата ја оцени како козметички измени кои не променија ништо суштински во состојбата со медиумите.
Но, новинарите не ја делеа неговата еуфорија. По настаните од 24 декември кога новинарите беа на сила избркани од Собранието на денот кога се носеше законот за буџет, Здружението на новинари го напушти дијалогот со Владата.
“Не постои реална и искрена политичка волја за работите искрено и суштински да се сменат.Повеќе се оди во правец да се глуми некаква подготвеност дека работите ќе се сменат, а во суштина, она за што се спремни се некои мали интервенции кои ќе бидат несуштински за медиумскиот систем“, вели Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија за напорите Европската комисија да ги одржи во живот преговорите.
Новиот закон за медиуми носи нови закани
Но, за новинарите доаѓаат нови грижи со последниот нацрт-закон за медиуми кој има намера да постави регулаторно тело за печатените, интернет и аудиовизуелните медиуми.
Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), но и други, изразуваат загриженост од предложеното решение.
Владата го претстави законот како закон кој од неа го бара Европската комисија. Како и да е, Европската унија забележа дека тие барале само имплементација на директивата која се однесува на аудовизулените медиуми, но се оградија од остатокот од законот.
Поранешниот претседател на Советот за радиодифузија, Мирче Адамчевски вели дека вака како што е планирано во нацртот, новата Агенција за медиуми „нема да биде независно регулаторно тело, туку чудовште кое ќе ги проголта и сомеле медиумите “
Според нацртот, новото тело ќе има надлежност да дели лиценци за емитување и да казнува под превезот на „граѓанскиот“ интерес – нејасен принцип кој лесно може да биде злоупотребен.
Шест од седумте членови во Агенцијата ќе бидат назначени од парламентот и единиците на локалната самоуправа, а само еден од здруженијата на новинари.
Минатата недела министерството за информатичко општество презентираше нов нацрт-закон тврдејќи дека многу од забелешките на новинарите се имплементирани.
Но, по прочитаните измени, многумина остануваат несреќни.
„Оваа верзија е иста како претходната, само со мали козметички измени. Ниту една од клучните забелешки на Здружението на новинари не е имплементирана“, вели Ердем Ахмет од управниот одбор на ЗНМ.
Конференција за охрабрување или замолчување
Разочарани од резултатите од конференцијата во Брисел од 2011 година, новинарите немаат големи очекувања од престојната.
„Ситуацијата е влошена во однос на слободата на медиумите и не гледам никаква поента од организирање на втора конференција се додека самата Европска комисија не излезе со анализа што е постигнато со првата конференција“, вели Борјан Јовановски, новинар и учесник на првата конференција.
Оливер Вујовиќ, претседател на Организацијата за медиуми од Југоисточна Европа(СЕЕМО), за БИРН вели дека само уште еднаш се констатирала немоќта на Унијата да дејствува во овие ситуации, а ситуацијата во Македонија е дополнителна илустрација за таа немоќ.
“ЕУ има голем минус во мојата агенда.Ако го земете случајот со Унгарија и нивната слаба реакција и случаите на новите земји членки, па и некои од однесувањата на старите, ќе сфатите дека ЕУ нема вистински инструменти да направи нешто”,вели Вујовиќ.
Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиуми смета дека новинарите се жртви во крупните политички игри помеѓу Унијата и владата, и оттука, не ја гледа смислата на ваквите конференции.
“Затоа мој предлог е конференцијата да си ја крстат со вистинското име – Shut up или конференција за замолчување,” вели Беличанец.
Тамара Чаусидис која е исто така поканета на конференцијата во Брисел вели дека единствената причина поради која ќе оди таму е за да комуницира со другите колеги. Одговорајќи на прашањето кои се нејзините очекувања од конференцијата, одговара отсечно: „Апсолутно никакви“.
„Таму одам не за да ме чујат тие од Комисијата, бидејќи нашите жолчни забелешки тие многупати ги чуле“, вели Чаусидис.
Нејзините намери се да слушнат граѓаните на ЕУ „како се тргува со принципите на Европската заедница, па можеби тие ќе успеат да го направат притисокот кој ние не можеме”, ќе заклучи таа.