Бродот Коста Конкордија, кој потона во јануари минатата година кај островот Џилио конечно е извлечен од карпите и сега е во хоризонтална положба, јавува Франс прес.
19 часа работниците со кабли и метални кутии полни со вода се обидуваа да го постават бродот на платформа. Со помош на цементни вреќи и посебно изработени метални платформи, претходно успеаја да го стабилизираат бродот кој секој момент можеше да се излизга во подлабоки води. Сега останува уште бродот да биде извлечен и однесен на сечење.
Дваесет месеци по несреќата на бродот, во која загинаа 30 лица, а две се сметаат за исчезнати, италијанските власти дадоа зелено светло за оваа операција на извлекување.
Италијанските власти предвидуваат дека оваа операција ќе чини околу 600 милиони евра.
Во моментот на несреќата, на бродот имаше 4.229 патници. Досега пет лица се обвинети за оваа несреќа, а судењето на капетанот на бродот Франческо Скетино се уште трае.