Политичкиот коментатор од Москва и поранешен близок советник на претседателот Владимир Путин за „Би-Би-Си“ тврди дека легендарниот руски воен брод „Москва“ потона како последица на погодок со НАТО ракета која во Украина била префрлена во јануари.
За време на интервјуто за „Би-Би-Си Радио 4“, тој призна дека загубата на бродот е неуспех за руската војска, но тоа дошло затоа што Русија не се бори само со Украина, туку и со „коалицијата на големи држави“ предводена од САД.
Крстосувачот „Москва“, потсетуваме, потона минатата недела во Црното Море. Точните околности под кои потона 186 метри долгиот брод, како и точното време кога се случило тоа, не се сосема јасни.
Познато е дека на бродот со 510 морнари дошло до експлозија и пожар, меѓутоа руската и украинската верзија на настанот драматично се разликуваат.
Украина тврди дека ноќта, меѓу средата и четвртокот, околу 03:30 часот, две украински ракети „Нептун“ го погодиле бродот, по што почнал да тоне. Исто така, украинската страна тврди дека имало и жртви на бродот, па дури дека загинале 300 морнари, но Русија го негира тоа.
Русија, пак, тврди дека воопшто немало жртви и дека сиот екипаж на бродот бил евакуиран веднаш по експлозијата на залихи на муниција по што настанал пожарот. Ако добро се прочитаат сите соопштенија на Русија за „Москва“, ќе се воочи дека во ниту едно не се споменува напад од Украина.