Софија: Бугарија официјално има нова привремена влада на чело со Андреј Ѓуров. Новиот премиер и министрите положија свечена заклетва во Народното собрание на Бугарија, додека парламентарните избори се закажани за 19 април.
Премиерот Андреј Ѓуров изјави дека неговиот кабинет ќе владее без „хистерија“ и нема да ветува „чуда и реформи“, туку ќе се фокусира на подготовка и одржување фер избори .
Изјавувам дека јас лично и привремената влада се обврзуваме да подготвиме фер избори, да управуваме со земјата додека не се формира редовен кабинет – без хистерија, со разум, цврсто заснован на реалноста, рече Ѓуров од собраниската говорница.
Не ветуваме чуда за два месеци, реформи за два месеци и историска пресвртница, но имаме волја да управуваме чесно и одговорно во интерес на бугарските граѓани и бугарската држава, додаде тој.
Денес се обраќам не само пред оваа сала, туку пред секој бугарски граѓанин кој очекува одговорност од државата, а не ветувања, го започна своето обраќање премиерот.
Ќе ги поддржиме напорите за траен и праведен мир во Украина и насекаде каде што конфликтите одземаат човечки животи, изјави Андреј Ѓуров, и додаде дека владата ќе соработува со своите сојузници во Европската Унија, НАТО и ОН. Бугарија има место меѓу демократските земји и ќе го брани со предвидливост, економска стабилност и заштита на демократскиот поредок, увери Ѓуров.
Според неговите зборови, демократијата не е слоган, таа е единствениот функционален одговор на кризи, а изборите се единствениот легитимен излез за создавање парламент што навистина го претставува општеството.
Сакам да ве уверам дека привремената влада нема коалициски математички задачи, нема скриени услови и договори, рече Ѓуров.
Решени сме да покажеме дека власта може да се спроведува мирно, без лицемерие, без реваншизам, но со интегритет и одговорност, увери тој.




