Бугарскиот парламент одобри помош за Украина, но не и испорака на оружје. Пратениците гласаа за пакет на воено-техничка, финансиска и хуманитарна помош за Украина што го предложи владеачката партија „Продолжуваме со промените“.
Собранието, истовремено, го одби предлогот на опозициската ГЕРБ на Бојко Борисов и на „Демократска Бугарија“, која е дел од владеачката коалиција, за неограничена воена помош за Украина.
Во извештајот се наведува дека одлуката што е усвоена денеска не предвидува извоз на оружје и на муниција.
На почетокот на седницата, украинскиот амбасадот во Софија, Виталиј Москаленко прочита писмо од претседателот Володимир Зеленски во кое тој, покрај другото, бара ремонт на украинската воена опрема во Бугарија, продолжување на поддршката од Бугарија за членство во Европската Унија, помош за украинските бегалци, продолжување на пратките со хуманитарна помош, увоз на украинско жито и засилување на економската соработка.