Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Чадиковски: За реформа на медиумите, прво треба реформа на менталитетот на луѓето кои ги водат медиумите

0
By Миодраг Мишолиќ on April 23, 2021 ПОЛИТИКА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

„Само површен поглед врз телевизиите покажува дека сите се останати на нивото на „А1“ од 2010-та, а денес сме 2021-ва, што не е многу пофално, па дури е и срамно за медиумските професионалци и за оние кои ги водат тие куќи. Затоа мора да работиме на професионализација на редакциите, за да се врати она новинарство, кое го знаеме од порано. Нам не ни треба толку реформа на медиумите, колку што ни треба реформа на менталитетот на луѓето кои ги водат медиумите“, вели Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари на Македонија, и долгогодишен телевизиски новинар и уредник, порано во „А1“, а денес во „24“.

Според новиот индекс за слобода на медиумите на организацијата Репортери без граници (РБГ), Македонија се наоѓа на 90. место (од 180 земји), додека лани бевме на 92., а преклани на 95. Ако продолжиме со ваквиот „напредок“, позициите од 2009-та, кога бевме 34-ти, ќе го достигнеме некаде околу 2059 година. Зошто работите на македонскската медиумска сцена се менуваат толку бавно?

Има повеќе причини за тоа. Точно дека е ова лазечки напредок, со брзина на полжав, но повеќе од еднодецениско разградување на новинарството, не може да се исправи за година, две или три. Она што систематски е уништувано десетина години, веројатно ќе треба исто толку време за да се врати на преходното ниво. Делумно проблем е немањето доволна политичка волја да се менуваат работите, а делумно и сопственичката структура на македонските медиумите, која остава многу простор за политички пазарења и создавање клиентелистички односи меѓу сопствениците, особено на големите, мејнстрим медиуми, и на политиката и бизнисот. Тоа секако не оди во прилог на слободното новинарство. Трета причина е што структурата на целиот медиумски сектор, наспроти медиумскиот пазар, кој е многу мал, не дозволува посилна финансиска независност на медиумите. Па така, иако денес имаме релативно голема слобода на говорот, во однос на тоа што беше пред четири, шест или осум години, и натаму немаме финансиски независни медиуми, кои можат да опстојат самостојно. Тоа придонесува, сѐ уште да постои автоцензурата, која најчесто е генерирана од сопствениците на медиумите, потоа од уредниците, и на трето место се самите новинари, кои се најбројни во овој лонец, во кој се „вари“ македонското новинарство.

На самиот почеток ја споменавте политичката волја, па токму затоа Ве прашувам, дали е можно градење квалитетна медиумска сцена, без активно учество на државата? Стравот од нејзино непринципиелно и дневно-политичко влијание е оправдан, меѓутоа: кој ако не таа во ваква ситуација и во овој момент?

Јас мислам дека активното учество на државата може само да одмогне во ослободувањето на медиумите. Секој обид за таа да го регулира пазарот, на овој или на оној начин, само создава дополнителни проблеми. Според мене, пазарот треба да е биде тој што ќе го определи работењето во медиумите, и да ја овозможи нивната слобода. Проблем е и што имаме преголем број медиумски куќи, а на мал пазар, па не е лесно да се направи тоа. Но, што повеќе закони и решенија за медиумите, не создаваат клима за поквалитетно уредување на дејноста. Саморегулацијата е многу подобар начин да се оди кон слободното новинарство. Нам ни требаат закони и нивна стриктна примена кога се работи за закани, напади и притисоци врз новинарите, а тоа речиси воопшто не функционира. Имаме 16 вербални и физички напади само од минатата година, кои не се решени, што ги охрабрува насилниците да продолжат со таа практика. Ова е еден сегмент од слободата на говорот, но многу значаен, бидејќи физичката безбедност е основа за нормално работење. Тоа е делот за државата, а во другото треба да ги тргне рацете од медиумите. Сетете се кога почна падот на медиумската сфера. Тогаш кога државата драматично се вмеша во медиумскиот пазар. Тоа беше во 2009. година, со владините реклами. Од тој момент тргна драматичниот пад на слободата на медиумите во Македонија. Затоа велиме, мешање на државата од таков аспект не ни треба, туку ни треба нејзината заштитна улога. Како што експресно се гонат насилниците кои ќе нападнат или ќе се заканат на политичар, така мора да се гонат и оние кои ќе нападнат или ќе се заканат на новинар.

Тоа, секако е така, но прашањето на политичката волја е директно поврзано со решенијата. Кој овде може да ја промени сегашната ситуација? Самите новинари? Газдите на медиумите? Не останува друг совен државата. Зарем е толку незамисливо дека државните институции може да играат и поинаква улога од таа што ја гледаме во последниве 15-тина години?

Да, веројатно може да се замисли и поинаква улога, но ние сѐ уште имаме нерефомирани институции, кои директно се надлежни за работата на медиумите, како што беше АВМУ (Агенција за визуелни и аудиовизуелни медиумски услуги), или каков што е Советот на МРТВ, каде и натаму работат советници со продолжен мандат. Проблемот е што политичката номенклатура во Македонија е поставена така, што консенсуални решенија се многу тешко изводливи. А, ако се направат измени, кои законите ќе ги сведат на просто мнозинство, би било уште полошо, зашто тогаш секоја власт ќе ги менува советите на овие тела, како што сака. Да секако, би било добро да имаме политичка волја и консенсуалност, и кај Владата и кај опозицијата, да го направат она што ние, професионалните здруженија го бараме – да се седне и да се договориме за тоа професионални кадри, а не партиски војници, кои ќе ги водат овие тела. Кога таму ќе има професионалци од фелата, ќе може да го имаме ова за што зборувате.

Во извештатите, како актуелниот на РБГ, акцентот се става на конкретни нешта, како што се закани и притисоци врз новинари, неказнивост за тие закани, говор на омраза итн. Но, има и еден друг аспект, кој овие индекси не го опфаќаат. Во времето кога имавме далеку подобра клима во новинарството и повисоки позиции на ваквите листи, ги имавме „А1 телевизија“, „Дневник“, „Утрински весник“… Можно ли е да се создаде повторно квалитетна и демократска медиумска сцена, без вакви брендови?

Сега ја погодивте суштината на проблемот? Ние веќе немаме барем неколку стожерни медиумски куќи, кои со својата уредувачка политика ќе креираат јавно мислење кое е за европски и напредни вредности, и кои не промовираат дискриминација по било која основа. На новинарите, на јавноста, па дури и на политичките партии, доколку не гледаат само краткорочно, неопходни ни се медиуми кои ќе можат да ги водат напред, и професијата и пазарот. Ние сега имаме само медиуми кои следат. Следат потреби на гледателската публика со најниски критериуми (сапуници, гранд шоуа и други содржини од шунд карактер), следат дневно-партиски барања на политичките актери, и ги следат интересирате на сопственикот. Со таков пристап во водењето на медиумите дојдовме во ситуација да не сме во можност никако да работиме на едукација, ниту на публиката, ниту на новинарските работници. Само површен поглед врз телевизиите покажува дека сите се останати на нивото на „А1“ од 2010-та, а денес сме 2021-ва, што не е многу пофално, па дури е и срамно за медиумските професионалци и за оние кои ги водат тие куќи. Затоа мора да работиме на професионализација на редакциите, за да се врати она новинарство, кое го знаеме од порано. Кој е начинот да се постигне тоа, е клучното, но и најтешкото прашање. Евидентно е дека ќе мора да се поработи многу повеќе со газдите на медумите, да ја напуштат сегашната бизнис логика – само профит, профит и профит. Таа нема многу врска со општетствената одговорност, а медиумите не се обични фирми кои остаруваат профит и вадат 50 или 100 лични доходи во месецот, туку имаат многу позначајна улога од тоа. Тие мора да обезбедуваат одговорност во креирањето на јавните политики, за да бидат коректив на политиката, политичарите и на власта. Во ваква ситуација тоа е тешко да се изведе, но токму затоа ние мора да инститираме и да работиме, и со сопствениците и со директорите, за да го смениме нивниот начин на размислување. Нам не ни треба толку реформа на медиумите, колку што ни треба реформа на менталитетот на луѓето кои ги водат медиумите.

Колкава е реалната моќ на ЗНМ, новинарскиот синдикат, Советот за етика и на другите еснафски здруженија? Дали тие можат да ги наметнат професионалните стандарди наспроти „уредувачката политика“ на медиумите, која најчесто е изговор за кршењето на тие стандари?

Пред 15 години немаше ниту силно ЗНМ, ниту силен синдикат на новинари и медиумски работници, а Советот за етика воопшто не постоеше. Сега имаме, навидум силни организации, кои секоја во својот домен се борат за остварување на новинарските права и за професионализација, меѓутоа денес го немаме главното – новинарството какво што беше тогаш. Што ни кажува ова за нашата моќ, и за тоа што може да правиме? Ние сме соочени со дадена ситуација, која е невозможно да се промени преку ноќ. А, правиме сѐ што е во наша моќ, за да влијаеме за професионализација на редакциите, или Синдикатот во однос на работничките права, а Совет за етика во однос на почитување на етичките стандарди… Тука не е прашањето дали се согласуваме со одредена уредувачка политика. Ние немаме ни право да изразуваме мислење за уредувачките политики, но имаме право и обврска да не се согласиме со начинот на кој се обработуваат вестите. Ако тие не се третираат и обработуваат на професионален и етички начин, тоа проблем, а не уредувачката политика на медиумите. Во јавниот говор кај нас, особено во последиве години, опстојуваат нетрпеливоста, омразата, клеветењето…, употребата на зборови кои се недолични ни за политичките противници, а камоли за медиумските работници. Имаме толку поларизирано општество, толкава пристрасност, што нашите обиди за промовирање на етичко и професионално новинарство, некои ги претставуваат како наметнување на уредувачка политика, што не е така. Дали имаме или немаме моќ ќе покаже времето. Но, не треба да се заборава фактот дека ние сме само граѓански здруженија, и го правиме она што можеме. Се трудиме да влијаеме преку редовни обуки за професионално новинарство, но последниот збор, во своите редакции го имаат медиумите. Ние создадовме простор, преку Советот за етика, каде граѓаните, политичарите, новинарите, може да се пожалат на неетичко и непрофесионално работење, но доаѓаме до ѕид кога се соочуваме со исти медиуми, кои стандардот постојано го кршат, и не им е важно. Постојат медиуми кои се создадени за таа намена, од одредени пропагандистички, политички или бизнис цели. Воопшто не е лесна работата, но ние се бориме и ќе продолжиме да се бориме со сите сили.

Имате конкретна стратегија како би се настапило против нив?

Најчестото кршење на професионалните и етичките стандарди е кај онлајн медиумите, и пред сѐ поради нив го промовиравме системот на саморегулација, каде членуваат околу 140 портали, кои исполнуваат критериумите на Советот за етика и на ЗНМ, за учество во promedia.mk. Идејата е овој регистер да биде следен од бизнисот, од стопанските комори. Ако успееме да ги убедиме бизнисмените, своите рекламни кампањи да ги промовираат таму каде што фелата има препознаено професионалност и етичност во работењето, тогаш сме на добар пат. Првичните искуства не ни покажуваат дека и тоа е лесен процес. Иако декларативно добиваме поддршка од бизнисмените, во праксата гледаме дека своите реклами ги даваат и на други места, поради политички цели или за да не бидат уценувани, односно рекетирани. Веројатно тоа е начин за да се заштитат себеси. Меѓутоа, и бизнисот има голема општетствена одговорност, како што има политиката, и мора да сфатиме дека сите три центри на моќ: невладиниот сектор и новинарите од една страна, односно политиката и стопанството од друга, имаме заедничка цел и заедничка општетствена одговоност во овој сегмент. Ако некој од овие фактори не сака, не може или од некоја причина одбива да биде дел од тој систем, тогаш многу тешко ќе одат работите. Нашата задача сега е во убедување на сите овие сегменти, дека тоа е најдобриот начин за да стасаме до квалитетна медиумска сцена.

Меѓутоа, се чини дека не сте многу, или барем не доволно, активни во убедувањето. Неодамна се наврши една година од почетокот на формирањето на Регистерот на професионални онлајн медиуми, и во извештаите беше констатирано дека состаноци со стопанските комори немало со месеци или немало воопшто, голем број бизнисмени не слушнале за него, а слично е и со јавноста.

Оваа забелешка е делумно оправдана. Меѓутоа, треба да се знае дека ние го направивме Регистерот, заедно со Стопанската комора (СК) и со стопанствениците. Не го формиравме сами, па да им го испратиме на увид, туку е направен со поддршка од СК и со серија од десетина средби со бизнисмени од разни ешалони и од повеќе градови во Македонија. Потоа затаи одговорот. СК декларативно се вклучи, но евидентно гласот не е стигант доволно до сите кои реално го држат пазарот, односно ги имаат парите, а тоа се поединечните фирми и компании. Секако дека има простор за повеќе промоција, и сега го правиме тоа. Најновото е договор со агрегаторот time.mk, каде можат да се прелистуваат на посебен модул порталите кои се дел од promedia.mk, за да знаат читателите кои медиуми се признаени како професионални. Инаку, во сопствената промоција треба да направат повеќе и самите портали, бидејќи е тоа во нивен интерес. Ова е заедничка битка, и сите треба да се вклучиме.

Од еден Ваш колега од „24 телевизија“, слушав пред неколку недели дека младите новинари се многу дефицитарен кадар, со пример дека дури и голем медиум како вашиот, подолго време не може да најде тројца нови. Имајќи во вид колку мал, речиси симболичен број студенти во однос на некогашниот, се запишуваат на Факултетот за новинарство, неминовно се наметнува прашањето, што се случува со обновувањето на професијата?

Тоа е една од најзначајните теми за иднината на новинарството. Постојат млади новинари, кои ја сакаат оваа работа и се подготвени да влезат во неа, но точно е дека ги нема доволно. Тоа е резултат на она што го споменав на почетокот – систематското уништување на новинарската професија, што ја направи неатрактивна. Платите не се доволно високи, а опасностите се сѐ поголеми, од физичкото загрозување до непријатната изложеност во јавната сфера. Свесно за овој проблем, Здружението на новинари на Македонија, најчесто во соработка со нашите странски партнери, прави повици за обуки на млади новинари или на студенти, кои сакаат да научат нешто повеќе за професијата. Тука е многу значајна улогата и на универзитетите, пред сѐ на најголемиот државен универзитет, кои ќе треба малку повеќе да поработат, со наша помош, во промоција на атрактивноста на новинарството, за да привлечеме повеќе млади луѓе. Моментно, факт е дека дури и оние кои сакале да се занимаваат со новинарство, повеќе одат на ПР или во некоја друга општествена наука. Во наредниот период ќе се обидеме, преку средните училишта да направиме кампања за поголемо запишување на факултетите за новинарство. Тоа е клучно. Мораме од малку порана возраст на учениците да им ја всадиме желбата кон новинарството, за полека да ја вратиме атрактивноста на професијата.

Го споменавте државниот универзитет, а јас интервјуто би го завршил со државната радиотелевизија. Очекувате ли во догледна иднина промена на статусот, работата и во рејтингот на МРТВ?

Да, очекувам. Според сите набљудувачи, вклучувајќи ги меѓународните, квалитетот на програмата на МРТВ во последниве години е подобрен, особено во едукативниот и во спортскиот сегмент. Но, потребен е чекор понатаму, пред сѐ во информативната програма. Не толку во избалансираноста на вестите, колку во изборот и во обработката на темите, кои ќе ја вратат атрактивноста на информативните емисии на јавниот сервис. МРТВ ни е потребен како стожер на дејноста, како медиумски лидер, зашто само така ќе може да очекуваме и приватните медиуми да ги следат стандардите што ги постигнала државната телевизија. Таа куќа ги има парите, иако тие моментно можеби не се според договорената законска рамка, но сепак располага со поголеми средства, кои ѝ овозможуваат посилен развој на вестите, прилозите, дебатните емисии, култувирање на говорот во дебатните емисии, односно на сето она што ни недостасува или го нема доволно во приватните медиуми. Ако МРТВ ги подигне овие стандари, ќе направиме огромен чекор напред кон средувањето на состојбите во медиумската сфера. Сега таа куќа нема голем проблем со платите и со социјалниот аспект, кој можеби го имаат повеќе приватните медиуми, но сѐ уште има предизвици и многу простор да подобрување, за да може да се наметне пред другите телевизии, што ни е неопходно.

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Најмалку 20 загинати и 320 повредени во силниот земјотрес во северен Авганистан

November 3, 2025

Тензии пред српскиот Парламент откако почна штрајкот на мајката чие дете лани загина при падот на бетонската настрешница во Нови Сад

November 2, 2025

Десет лица се хоспитализирани од кои девет се во критична состојба по напад со нож во Велика Британија

November 2, 2025

Кијив Индипендент: Украинската армија погоди цевковод за гориво во близина на Москва

November 1, 2025

„Истрага“: САД побарале оставка од Високиот претставник во БИХ, но тој одбил затоа што „Берлин одлучувал за него“

November 1, 2025
ФОКУС

Политико: ЕУ пофалби за Црна Гора и Албанија – за Македонија само малку оптимизам

ВЕСТИ November 3, 2025

Пред утрешното објавување на пакетот извештаи за проширувањето на ЕУ, сите пофалби ќе одат за…

Оставката на Ана Чупеска

November 3, 2025

Тензии пред српскиот Парламент откако почна штрајкот на мајката чие дете лани загина при падот на бетонската настрешница во Нови Сад

November 2, 2025

Локални избори 2025: Почна гласањето за вториот круг

November 2, 2025
ТИКЕР

Најмалку 20 загинати и 320 повредени во силниот земјотрес во северен Авганистан

November 3, 2025

Тензии пред српскиот Парламент откако почна штрајкот на мајката чие дете лани загина при падот на бетонската настрешница во Нови Сад

November 2, 2025

Десет лица се хоспитализирани од кои девет се во критична состојба по напад со нож во Велика Британија

November 2, 2025

Кијив Индипендент: Украинската армија погоди цевковод за гориво во близина на Москва

November 1, 2025

„Истрага“: САД побарале оставка од Високиот претставник во БИХ, но тој одбил затоа што „Берлин одлучувал за него“

November 1, 2025
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.