Преговорите меѓу руската и украинската делегација во Истанбул ќе започнат утре во 9:30 часот, соопшти денеска кабинетот на турскиот претседател.
Според соопштението, преговорите ќе се водат во Палатата Долмабахче.
„Средбата ќе се одржи зад затворени врати“, се додава во соопштението.
Во межувреме руската делегација пристигна во Истанбул, каде утре со делегацијата на Украина треба да ја одржат четвртата рунда преговори.
Авионот „Туполев Ту-204-300“ со кој патува руската делегација слета на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, јавија турските медиуми.
Претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган вчера се договорија четвртата рунда преговори меѓу Русија и Украина да се одржи во Истанбул.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, претходно денеска изјави дека се очекува преговорите да почнат утре, а тоа го потврди и украинската делегација.