Се почна со едно мало невнимание, за кое подоцна ќе се дебатира со денови, а можеби ќе мора да поминат и месеци, за да се констатира дека невниманието воопшто не било мало, минорно, безазлено и простливо. Напротив, во хор грмеа опинион-мејкерите на социјалните мрежи, пандитите, експертите и по некој залутан демагог. Се постигна консензус во дебатите и полемиките- дека скандалот е преголем и проблемот е нерешлив. Како се воопшто започна?
Специјалната обвинителка, давајќи некакво кратко интервју за 24 Вести, ја разбесни јавноста поради три причини. Подоцна тие три крупни детали, за разулавената јавност три непростливи и непреминливи пречки, деноноќно се анализираа од горе надолу фигурата на Катица Јанева.
Но, да одиме со горките оценки со кои се занимаваат модните експерти – најпрво, вратот: прикачена некаква евтина и масивна бижутерија, врескаа стручњаците по естетика и сценографија, на кои им се руши на тој начин фундаментот за можност за поставување кореографија. Штетата е направена, урлаа тие, спречена е опцијата за елегантни сценски движења на столбот кој ја придржува главата, од која зависи праведноста на одлуките, но нередот беше доцна да се спречи, липтаат тие на Фејсбук.
Да не го тупиме, што би рекол Груевски во бомбите, (кога говори за рушењето на Космос на Цановски и дава ургентна наредба за динамит), да одиме веднаш со проблематичноста на вториот и третиот детал на Јанева, кои ја скандализираа јавноста: ракавите од чипка и деколтето, два болни удари како камшици за нашиве врвни познавачи на децентно облекување на обвинители.
Стручното жири на дневниот “Утрински весник” напиша текст за ова деликатно и итно прашање по стабилноста на земјава, кое според неофицијални информации, се шпекулира дека ќе биде ставено на дневен ред пред прогласувањето победник во трката за генерален секретар на ОН.
“Утрински весник” одеше најдалеку во сеопфатната анализа и експертиза на облеката на Катица Јанева, а сертификатот се зборува дека е оверен од страна на сопственичката гарнитура на оваа медиумска компанија и предаден до надлежните органи за гонење несоодветно облечени обвинители. Некој мора прв да почне, зарем не? Овој пат Срѓан Керим и Орце Камчев го имаа побрзиот прст од Катица Јанева во взаемната борба за соголување.
Не е време ниту простор да се споменува она што се говори деновиве- дека не е далеку денот кога ќе дојдат интересни денови по ова прашање за компанијата и нејзините сопственици, а тогаш облеката на обвинителката ќе биде последниот текст за кој ќе имаат интерес да ламентираат. Славата никогаш не доаѓа неповикана и сама, но да и оставиме простор на Јанева да го исцрта траекторатот на проблематичноста на сопственичката структура и не само во оваа компанија, со елегантно име од само три букви: МПМ.
Што не им го исклучува сега правото на луѓето да се забавуваат слатко и да и понудат на јавноста длабокоумна монтажа од стилот на “Политикин забавник”- “Oблечете ја Катица Јанева” . Се разбира дека има пропратен текст од кој се чита дека е пишуван со судски чекан во рака, а обвинението е соопштено во самиот наслов, но добронамерноста на уредувачката политика е во прашање, ништо повеќе, ништо помалку.
На Јанева и се нудат опции разни, во мудрите и префинети совети- да се облече како Меркел, Хилари Клинтон или зошто не побогу, нека ја погледне само Јадранка Косор. Овие госпоѓи знаат што зборуваат и што облекуваат, заклучуваат советничките за пристојна мода на обвинителки кои го надвиснале овој весник.
Во целава оваа збрка на детектирање модни промашувања на Катица Јанева, има една фина книга, вредна за читање, на Мјуриел Барбери. Не велам дека треба да се побрза со нејзино читање, но книгата говори за една служавка, која чита класици, филозофски книги и вљубена е во Толстој, Кант и Малер, само да споменам неколку имиња. На станарите им глуми дека е неписмена, необразована и глупава, само нека ја остават на мира, добога. Ви велам, некогаш прочитајте ја “Елеганцијата на ежот”.