Политичкиот лидер кој се чувствува семоќен престанува да биде чувар на државата, како организирана заедница на луѓе и воопшто, на заедницата, како на национално така и на светско рамниште и се претвора во нејзин ризик. Чувството на преголема моќ, како што би рекле старите Грци, неизбежно води кон немесис – казна или пад на семоќниот, не затоа што боговите му се одмаздуваат, туку затоа што реалноста не трпи трајно самозалажување.
Темелко Ристески
Чувството на преголема моќ, како патолошки појава на личноста, го забележуваме кај газди, директори, менаџери и политички лидери во земјата и во светот. Тоа е една од најштетните психолошки и морални состојби на човекот и тоа, како на лично, така и на општествено рамниште.
Прво, чувството на преголема моќ често е проследено со илузија на непогрешивост. Човекот, обземен со тоа чувство, ја потценува реалноста и објективните ограничувања кои постојат во неа; ги игнорира советите и критиките и ја губи способноста на самоспознавање.
Потоа , чувството на преголема моќ ја еродира емпатијата при што луѓето се доживуваат како средство, а не како личности со свои потреби, мислења и ставови и со свое човечко достоинство; се доживуваат како препреки, а не како соговорници, а критичарите како отпад на општеството. Тоа е очигледен показател на тешка морална деформација на личноста која е проследена со оправдување на неоправдливото и со релативизирање на одговорноста за изјавите и постапките.
Најпосле чувството на преголема моќ ги разградува институциите на национално и светско рамниште; го редуцира владеењето на правото како темелна вредност на националниот и светскиот поредок; води кон авантуризам и погрешни, а често и катастрофални одлуки.
Да заклучиме. Политичкиот лидер кој се чувствува семоќен престанува да биде чувар на државата, како организирана заедница на луѓе и воопшто, на заедницата, како на национално така и на светско рамниште и се претвора во нејзин ризик. Чувството на преголема моќ, како што би рекле старите Грци, неизбежно води кон немесис – казна или пад на семоќниот, не затоа што боговите му се одмаздуваат, туку затоа што реалноста не трпи трајно самозалажување. Ќе завршиме со поучните зборови на славниот римски историчар Тацит: „Моќта што нема мерка е најопасна. Најсигурен знак на зрелост е способноста човек да ја носи моќта како должност, а не како доказ за сопствената величина.“
Од Фејсбук ѕидот на авторот




