Постапката за сумирање на резултатите трае и како што завршува избирачките одбори со собирање на резултатите тие се внесуваат на веб апликацијата, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски. Тој изрази задоволство што изборниот ден изминал во мирна атмосфера.
-Среќен сум што изборниот процес помина без поголеми проблеми. Се гласаше регуларно, законски. Среќен сум што сè помина во најдобар ред, рече Даштевски.
Гласањето е завршено во сите 11 избирачки места во кои беше продолжено, за толку колку што беше прекинот. Во последните избирачки места е завршено во 21:55 часот, односно два часа и 55 минути после 19 часот.
На поставено новинарско прашање за евентуално поништување на гласањето на некои од избирачките места, Даштевски истакна дека допрва ќе се разгледуваат записниците. Од тие записници, како што рече, ќе зависи дали ќе бидат донесени одлуки за евентуални прегласувања.
До Државната изборна комисија во текот на денешниот ден пристигнале вкупно 286 приговори за заштита на избирачко право, од кои 217 се прифатени, 19 се одбиени, 34 неосновани, по изврешна проверка е констатирано дека лицата постојат во избирачкиот список, а 16 приговори се во процес на обработка.