„Народната банка е професионална и независна институција, којашто при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и најдобрите меѓународни практики. Одземањето на дозволата на „Еуростандард банка” покажува дека Народната банка е подготвена да преземе навремени корективни супервизорски активности за да се обезбеди целокупната стабилност на финансискиот систем.
Обидите за политизирање на активностите и одлуките на Народната банка се ризик за загрозување на независноста на Народната банка. Меѓународното искуство покажа дека без независност, централните банки се воздржуваат од донесување тешки, но неопходни одлуки, што на крајот ја става во опасност стабилноста на севкупниот финансиски систем и може да доведе до далеку поголеми загуби за општеството отколку кога навремено се преземаат потребните корективни супервизорски активности.”
Ова го истакна извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Антони Де Ланој, член на Извршниот одбор на ММФ и задолжен за Македонија, на состанокот со тимовите на Народната банка и Министерството за финансии, во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка. Тој искажа поддршка за постапувањето на Народната банка.
Де Ланој истакна и дека жали што има шпекулативни и неточни јавни изјави дадени од некои засегнати страни, во врска со банкарскиот систем и Народната банка. Де Ланој тврди дека ваквите изјави може да имаат сериозни штетни ефекти и ги повика сите засегнати страни да се воздржат од неодговорно однесување што може да ја доведе во опасност стабилноста на финансискиот систем, особено во време на глобална криза и во време кога ММФ го оценува македонскиот финансиски систем во целина како стабилен.