ТИРЗ покажа дека и за време на кризата нема застој во инвестициите а успеваме да поттикнеме зголемен интерес кај инвеститорите, не само странски туку и домашни. Еве само за пример во моментов една сериозно голема американска компанија ја таргетира земјава како потенцијално место за реализација на својата инвестиција вредна околу 150 милиони евра, вели во интервју за НОВА директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски. Членството во НАТО е адут и го користиме и ќе го користиме во периодот што следи. Она на што мора да поработиме, ако навистина сакаме да бидеме конкурентни е промовирање на стабилна клима за работење. И тука под стабилност не мислам на закони што се усогласени со ЕУ. Тука мислам пред се и на однесувањето на политичарите, а кое внимателно се следи не само од граѓаните, туку и компаниите и сите оние што ја „скенираат“ Македонија како дестинација за инвестирање.Последно, но не и најмалку важно, реформа во образованието, што треба да доведе со зголемување на квалитетот на работната сила во државата, вели меѓу другото во интервју за НОВА, првиот човек на ТИРЗ, Јован Деспотовски. За што уште разговаравме со Деспотовски, дознајте од интервјуто што следи:
НОВА: Што се случува со странските инвестиции во ова време на криза? Дали се инвеститорите исплашени од војната?
– Секоја криза носи своја неизвесност и ризици, но ако гледаме по примерот на ТИРЗ, и покрај кризата нема застој во инвестициите. Напротив, неколку од постоечките компании најавуваат и проширување на капацитетите, а во напредна фаза на преговори сме со повеќе нови, со вкупен обем на инвестиции од над 400 милиони евра. Секако дека воениот конфликт предизвикува страв кај сите, но многу е важно во вакви вонредни времиња да не стоите на страна како неми набљудувачи, туку да делувате проактивно и да преземете соодветни механизми со кои на инвеститорите ќе им понудите гаранции за сигурна деловна клима. Бидејќи на сериозни странски инвеститори кои вложуваат сериозни средства им е потребна гаранција за политичка стабилност на земјата во која вложуваат.
НОВА: По пандемијата се случува војна. Каков е интерсот на странските инвеститори за Македонија?
– Успеваме да поттикнеме зголемен интерес кај инвеститорите, не само странски туку и домашни. Еве само за пример во моментов една сериозно голема американска компанија ја таргетира земјава како потенцијално место за реализација на својата инвестиција вредна околу 150 милиони евра. Во игра е целиот регион, но Македонија и Србија се во потесен круг. Оваа компанија која не е присутна во земјава, поради ситуацијата во источниот дел од Европа одлучи да ги промени плановите и своите средства да ги вложи во регионов. Дополнително, имаме барања од наши клиенти да го префрлат производството од Украина во земјава, како интерес од компании кои размислуваат да го селат своето производство од Русија. Ние веќе работиме на нов проект за поттикнување на инвестиции, насочен кон потенцијални инвеститори од Европа, каде очекуваме дополнителен интерес од компании со свои операции во Украина и Русија. И во време на претходната криза предизвикана од пандемијата покажавме дека имаме капацитет да се справиме со кризата, инвеститорите тоа го препознаваат, а и бројките потврдуваат дека сме успеале во тоа. Така, минатата година ја завршивме со рекорден извоз досега од 3 милијарди евра, а позитивниот тренд на раст и зголемени економски активности продолжува и во првите два месеци од годинава. Она што не прави поинакви е дека како вистински партнери на компаниите заедно со нив ги решаваме проблемите со кои се соочуваат и сите мерки кои ги преземаме ги правиме заедно, според нивните потреби.
НОВА: Колку нови работни места донесоа инвестициите во последните три години?
– ТИРЗ изготви анализа на ефектите од странските вложувања во технолошко индустриските развојни зони во изминатите 10 години која меѓу другото покажа и дека се регистрира континуиран раст на бројот на вработени и на платата, особено по 2017 година. Бројот на вработени во ТИРЗ во 2020 кој во просек беше 14.000, е за 106% повисок од просечниот број на вработени во 2016. Платата пак е повисока за скоро 40% споредено за истиот период. Секако, не застануваме тука. Она што особено ме радува е дека бројот на вработени продолжува да расте и годинава и во февруари достигна највисок ниво досега. Во компаниите во ТИРЗ работат 14.430 наши сограѓани што е за над 4% повеќе во однос на истиот период лани. Очекувам ваквиот тренд на раст да продолжи со оглед на тоа што само договорите за нови инвестиции кои ги постигнавме во 2021 година треба да донесат нови 2700 работни места. Поголемиот дел од овие проекти е планирано да започнат со производство годинава. Со ваков тренд сосем е достижна целта која си ја поставивме во овој четиригодишен мандат да го удвоиме бројот на вработени во зоните, односно уште 14.000 наши сограѓани да добијат шанса за добро платена работа и пристоен живот.
НОВА: Кои се најголемите системски проблеми на кои се жалат инвеститорите? Што треба да се направи за да се подобри климата?
– Настојуваме да помогнеме на секој инвеститор. Новиот систем за грижа на корисници преку „една влезна точка“ ни дава добра слика и каде се слабостите во државата и институциите и наша цел е да иницираме измени со кои овие слабости ќе се надминат. Голем број на барања се однесуваат токму на (не)достапност на услугите од државните и институциите на локално ниво. Применливоста на регулативата, (не)флексибилноста на постапките и периодот на траење. Понекогаш се соочуваме со ситуации и одлуки кои се тешко разбирливи и за нас, а не пак за компаниите. Тоа мора да се менува и ТИРЗ е иницијатор/носител на такви промени.
Со новиот, паметен пристап кој го воведовме, се отворивме кон инвеститорите. Ги слушаме нивните потреби но и јасно ставаме до знаење што државата очекува од нив. Поставивме фер и јасни правила на игра и отворен пристап. Наша цел е во следниве пет години овие европски правила на функционирање кои ги поставуваме во ТИРЗ да се спроведат на територија на цела држава, и за домашните и за странските инвеститори подеднакво. Зоните се пилот модел врз кој треба да се гради новата развојна македонска економија.
НОВА: Дали македонската дипломатија работи ефикасно на промоцијата на Македонија за да се привлечат странските инвеститори?
– Ние работиме на нов проект за поттикнување на инвестиции, насочен кон потенцијални инвеститори од Европа, а развиваме и посебен концепт со кој сакаме да го поттикнеме и искористиме потенцијалот на наши луѓе кои веќе живеат во странство и се на влијателни или клучни позиции во различни земји, кои очекувано имаат повеќе отворени врати. Дополнително развиваме и различни механизми за претставување на потенцијалот за инвестиции на земјава. Во рамки на тоа наскоро со влијателниот економски магазин Економист започнуваме нова кампања со која ќе го таргетираме европскиот пазар. Користиме вкрстен пристап од повеќе иницијативи со цел да постигнеме поголем ефект, а притоа да не „врзуваме“ човечки и финансиски ресурси за една локација/земја.
НОВА: Кои се фирмите кои сакаат да ги префрлат инвестициите од Украина во Македонија?
– Станува збор за компании кои остваруваат производство и во Македонија и кои, согласно разговорите, високо ја оценуваат деловната клима и политиката и пристапот на ТИРЗ кон поттикување на инвестициите.
Наша цел е да обезбедиме итна поддршка за овие компании, со искрена намера и цел да се помогне на Украина и граѓаните на оваа земја во справување со агресијата со која се соочуваат. Не се радуваме на вакви инвестиции кои се на штета на друга земја, но секако дека ќе им излеземе во пресрет. Во моментот сме активно ангажирни на изнаоѓање на локации и готови просторни решенија за трансфер на дел од опремата, а на рок од 6-9 месеци и изнаоѓање и на постојано решение за производство, доколку донесат таква одлука.
Имињата на компаниите со кои во моментот се преговара ќе ги објавиме веднаш по постигнување на договорите, а со цел заштита на деловните процеси и информации на самите клиенти.
НОВА: Дали членството во НАТО помогна во привлекувањето на странски инвстиции?
– Членството во НАТО и фактички верификацијата на политичката стабилност на земјава придонесе во последнава година значително да се зголеми интересот на странските инвеститори, но и бројот на странски инвестиции во земјава. Бројките го потврдуваат тоа. Само минатата година имаме постигнато договори во вкупен обем од близу 200 милиони евра, а во моментов во понапредна фаза на преговори – што значи компаниите доставиле писмо за намери и деловен план – разговараме со уште 30ина компании за вкупен обем на инвестиции од над 400 милиони евра. Наскоро ќе ја објавиме и најголемата досега инвестиција во зоните која ќе тежи над 100 милиони евра. Така што членството во Алијансата навистина игра важна улога во привлекувањето на странските инвестиции во земјава. Уверен сум дека и очекуваниот почеток на преговори со ЕУ годинава исто така дополнително ќе придонесе кон привлекување на нови инвестиции.
НОВА: Од досегашното искуство што мислите дека би требало да се подобри во системот за да се зголеми бројката на странски инвестиции која на ниво на регионот е се уште мала?
– Број еден, особено во актуелните случувања, е секако безбедноста, но и политичката стабилност и предвидливоста на процесите во државата. Членството во НАТО е адут и го користиме и ќе го користиме во периодот што следи. Она на што мора да поработиме, ако навистина сакаме да бидеме конкурентни е промовирање на стабилна клима за работење. И тука под стабилност не мислам на закони што се усогласени со ЕУ. Тука мислам пред се и на однесувањето на политичарите, а кое внимателно се следи не само од граѓаните, туку и компаниите и сите оние што ја „скенираат“ Македонија како дестинација за инвестирање. Постојаните префрлања, обвинувања и закани не помагаат. Напротив, наметнуваат една слика на држава, на општество во постојан внатрешен судир, што носи сериозни ризици. Затоа, мора да бидеме одговорни, пред се кон граѓаните, кои очекуваат и подобри услови за работа, и секако подобар животен стандард. Политичарите мора да најдат еден пристоен начин на водење на политичката борба, без последици и ризици врз општеството и економијата.
Дополнително, институциите и носителите на јавни функции мора вистински да бидат во служба на гражаните и компаниите. Еден од начините како тоа да се постигне е давање на отчет за работењето врз основа на мерливи резултати и индикатори што ќе се постават на почетокот на мандатот. Само така ќе воведеме систем во кој интересот на граѓаните, на инвеститорите и практично, а не декларативно ќе биде во преден план. Така целиме кон ефикасен систем за поттикнување на инвестиции на ниво на сите институци, а што веќе го спроведуваме во рамки на ТИРЗ.
Последно, но не и најмалку важно, реформа во образованието, што треба да доведе со зголемување на квалитетот на работната сила во државата, што е предуслов за континуиран, здрав процес на зголемување на платите и стандардот за живот и на сегашните и на идните генерации.
Борјан Јовановски