Компанијата „ФЦЛ Амбиенте“ која градот планира повторно да ја избере за концесионер на Дрисла, наместо бараната банкарска гаранција, во првата фаза на тендерот доставила гаранција како финансиска заштита од друга нивна фирма која не е банка и на која не и се мери кредитен рејтинг согласно светските стандарди.
Комисијата која требаше да ја избере најповолната понуда уште во првата фаза на избор им ја прифатила гаранцијата дека ќе можат да обезбедат кредитирање и покрај фактот што писмото со гаранција било од фирма (Финасиариа Центро Лацио) која не само што не е банка, туку е во сопственост на Масимилијано Ферацоли, сопственикот на понудувачот ФЦЛ Амбиенте и воедно, основач на фирмата која се натпреварува на тендерот.
Или, народски речено, самите на себе си биле гаранција дека ќе обезбедат кредитирање.
Во оценувањето на понудите некаде Финанчиаро Чентро Лачио се споменува како Финансиски институт, а на друго место како банка. Ако се провери италијанскиот централен регистер, излегува дека гарантот Финанчиарио Чентро Лачио е фирма која се бави со ревизии и инвестиции, а на нивното банкарско контро има нешто повеќе од еден милион евра.
Италијанците во Дрисла треба да инвестираат 72 милиони евра, од кои 58 во првите четири години.
Директорот на „Дрисла“, Горан Ангелов, изјави дека Градот бил заштитен со дури три банкарски гаранции, од кои две биле од „Финанчиаро Чентро Лачио“, но Градот претходно одби да ги покаже гаранциите тврдејќи дека се класифицирани како деловна тајна.
Аферата „Дрисла“ пукна кога германскиот конзорциум предводен од компанијата „Шолц“, инаку второрангирани на тендерот, реши да се жали до надлежните судови во земјава поради нерегуларности при изборот на новиот концесионер.
Управниот суд утврди сериозни нерегуларности во тендерот и ја поништи постапката задолжувајќи го градот повторно да избира концесионер за Дрисла. Градот повторно ја свика комисијата, а таа повторно ја избра понудата на Италијанците како најповолна. Во вторник оваа Советот треба да гласа за одлуката на комисијата за избор на најповолен понудувач.
Главните сомнежи околу Италијанците – неколку факти околу тендерот
1. ФЦЛ Амбиенте е новоформирана фирма, дури два дена пред отворањето на понудите на тендерот. Во италијанскиот регистер се води како неактивна. Основана е со влог од 10.000 евра. 99 проценти сопственик е Финанчиарио Центро Лацио, фирма во сопственост на Масимилјано Ферацоли, директор на Амбиенете и 1 процент е на друга негова фирма. Директорот на Дрисла тврди дека статусот на фирмата (дали е активна или неактивна) не игра улога во кфалификувањето за тендерот согласно македонските закони. ФЦЛ Амбиенте во моментот на избор нема финансии и нема искуство согласно критериумите за тендерот.
2. ФЦЛ Амбиенте на тендерот настапува како конзорциум со друга италијанска фирма Униеко. За разлика од Амбиенте, Униеко е фирма стара речиси еден век со искуство во градежништото, но и во управувањето со отпад. Сепак, водечки член во овој конзорциум не е Униеко, што би било логично со оглед на фактот дека ФЦЛ Амбинете сама не би исполнила ниту еден критериум од тендерот, туку лидерот е сепак Амбиенте.
3. Сите бодови кои ги добива овој конзорциум се однесуваат на кредибилноста на Униеко. Сепак, согласно повикот, се оценува вкупната способност на конзорциумот заедно, а не одделно на секој член.
4. Откако овој конзорциум бидува избран, потребно е да се формира фирма во Скопје или друштво со посебна намена за градот да го склучи договорот со новиот концесионер. Основач на оваа фирма е единствено ФЦЛ Амбиенте. Униеко никаде не фигурира, ниту во сопственичкиот удел, ниту, пак, има свој претставник во одборот на Дрисла.
5. Ако се отвори веб страницата на ФЦЛ Амбиенте, единствено може да се прочита дека оваа фирма е основана со намера да ја превземе скопска Дрисла. Ако се отвори веб страницата на Униеко, нема да најдете ниту збор за победа на тендер во Скопје, што изгледа чудно бидејќи компанијата ги има набројано сите проекти во кои учествува.
6. Градот Скопје заедно со ФЦЛ Амбиенте летово организираа прошетка за новинари во Италија за да им покажат како Амбиенте планира да ја модернизира Дрисла. Посетија извесна фабрика за гас „Белведере“ која не е ниту сопственост на Амбиенете ниту на Униеко. Од Градот никогаш не одговорија зошто новинарите не беа однесени во некоја од нивните депонии (Униеко).
7. Банкарските гаранции се тајна. (класифицирани)
8. Тендерското досие е тајна. (класифицирани)
9. Договорот помеѓу Градот и Дрисла е тајна.
10. Договорот помеѓу Униеко и ФЦЛ Амбиенте е, исто така, тајна. Директорот на Дрисла Ангелов изјави дека нив не ги интересирало како членовите на конзорциумот ги уредувале меѓусебните односи.
11.Германците тврдат дека Униеко во Април годинава започнала стечајна постапка. За тоа до Судот доставиле и потврда од италијанскиот суд. Судот го констатира ова, како и многу други нерегуларности.
Градот Скопје и покрај судските препораки изготви образложенија на 10 страници зошто се уште мислат дека Италијанците се најдобриот избор. Овие образложенија ќе им ги понудат на советниците во вторник со надеж дека истата фирма, без разлика што вели судот, повторно ќе биде избрана и ќе остане во Дрисла.