Денес беше објавена новата веб страна на поранешниот американски претседател со насловот „Дирекно од бирото на Доналд Џеј Трамп“. Страната беше објавена еден ден пред Надзорниот одбор на Фејсбук да донесе одлука за дали трајно да го забрани користењето на социјалниот медиум од страна на Трамп.
По нападите врз владините згради во Вашингтон, САД од страна на поддржувачи на Трамп и верувачи во QAnon теориите на заговор каде умреа 5 луѓе, Твитер, Фејсбук и други социјални медиуми му ги избришаа профилите на поранешниот претседател заради повикување на насилство. Трамп ширеше лажни вести дека тој победил на американските претседателски избори во 2020 и ги бодреше своите поддржувачи и QАnon верувачите (кој го сметаат Трамп како еден вид месија) преку неговото користење на социјални медиуми, особено Твитер каде што тој имаше 88 милиони следачи.
Оваа веб страна беше промовирана од страна на поранешниот високо рангиран советник на Трамп, Џејсон Милер на неговиот Твитер профил. Милер, кој е многу активен на Твитер и има скоро 300 000 следачи на социјалниот медиум, го напиша следното:
„Веб страницата на претседателот Трамп е одличен извор за да ги пронајдете неговите најнови изјави, како и најважните објави од неговиот прв мандат како претседател, но ова не е нова платформа за социјални медиуми. Ќе имаме дополнителни информации за што доаѓа на тој фронт во многу блиска иднина.“
Покрај тоа што Милер дава апдејт за потенцијалната (конзервативна) платформа за социјални медиуми која ја развива тимот на Трамп, тој прави уште еден важен потег со овој твит. Објавата на Милер е очигледно многу внимателно напишана и очигледно треба да прати една клучна порака: ова е не последниот претседателски мандат на Доналд Трамп. Односно, Милер вели дека на оваа веб страна може да се најдат „најважните објави од неговиот прв мандат како претседател“, имплицирајќи дека ќе има и втор мандат.
Ден пред објавата на Милер за новата веб страна, Доналд Трамп гостуваше на шоуто на конзервативната афро-американска политичка коментаторка Кандес Овенс каде што го тој јасно имплицираше дека е многу возможно да има уште една претседателска кампања во 2024. На полу-шала, Овенс го праша Трамп: „Дали ќе се кандидирате во 2024? И ако се кандидирате, дали може јас да ви бидам потпретседателски кандидат?“
„Колку добар избор би било тоа, вие би биле фантастична,“ Трамп ѝ враќа на Овенс. „Одговорот е дека јас сум апсолутно возбуден и со нетрпение чекам да направам објава во вистинското време.“
Самата веб страна која би требало да ги носи информациите од „Од бирото на Доналд Џеј Трамп“ е изградена на многу специфичен начин и до некаде делува како да е страна на следната претседателска кампања на Трамп. Логото на страната ги има зборовите „Save America President Donald Trump“. Граматичката конструкција на оваа реченица е доста двосмислена: би можела да значи „Спасете ја Америка, претседателе Доналд Трамп“ (што на некој начин имплицира дека Трамп е сѐ уште претседател на САД). Или пак оваа реченица може да се интерпретира како Трамп да им кажува на неговите поддржувачи да ја спасат Америка.
Исто така изгледа дека Трамп постира во две секции на страната кои се навидум различни но имаат многу сличен тон и често лажни информации: desk (биро) и news (вести). И desk и news секциите звучат многу слично како Твитер постовите на Трамп само некои се подолги од 280 карактери (лимиот кој Твитер го дава). Во desk секцијата, Трамп има повеќе постови за кои конзервативни или крајно десничарски кандидати ги поддржува. На веб страната има опција неговите постови да се лајкнат и да се споделат на Фејсбук и Твитер, но самата веб страна за сега нема профил на социјалните медиуми. Исто така нема опција за коментирање на овие статуси.
Интересно е што на веб страната има десетици постови (ако не и повеќе) за работи кои се случиле минатите месеци, иако веб страната официјално почна да работи од денес. Еве како изгледа еден desk пост од 2ри април, 2021:
Во превод ова значи: „Зошто секогаш кога се дискутира за ИЗБОРНА ИЗМАМА во 2020 година, Фејк Њуз Медиумите („лажните вести“) постојано изјавуваат дека ваквите обвиненија се неосновани, неоправдани итн.? За жал, имаше масовна измама на претседателските избори во 2020 година и многу, многу лути луѓе кои го разбираат тоа. Со секој изминат ден, сѐ повеќе и повеќе факти за ЛУДАЦИТЕ на Радикалната левица излегуваат на виделина. Освен тоа, среќен Велигден!“
Во овој пост како и во други постови, Трамп ја промовира лажната идеја дека постоела изборна измама на претседателските избори во САД и дека тој победил на изборите, а не демократскиот претседател Џо Бајден. Главната причина за нападите врз владините згради во Вашингтон каде група на QAnon и Трамп поддржувачи пробаа да убијат одредени конгресмени/ки и други политичари беше фактот што тие веруваа дека се случила изборна измама и дека Трамп победил на изборите – идеи што Трамп активно ги промовираше на неговите социјални медиуми.
Не знаеме дали и колку ќе биде популарна оваа веб страна, но фактот што поранешниот американски претседател – еден од најмоќните луѓе во светот – сѐ уште шири лажни вести кои пред само неколку месеци предизвикаа смртоносен напад врз највисоките државни институции во САД е екстремно загрижувачки.
Елена Гаговска