Антикорупциска комисија денеска одлучи да се отвори предмет по службена должност по допрен глас за вработувањето на 43 лица блиски на функционерите од актуелната и поранешната власт.
На листата е Кристина Божиновска, сопруга на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски вработена во АЕК, Љубе Јанушев, татко на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на ЈСП, Игор Јанушев, како и за неговата сестра Верица Јанушева вработена во МВР. Исто така, на оваа листа е снаат на пратеникот Антонијо Милошоски, Александра Милошоска која била вработена во Управата за јавни приходи. Вујкото на пратеникот, Станко Коруноски, бил поставен за раководител во Агенцијата за катастар. Братучедот на Милошоски, Станко Коруноски бил вработен во Централен регистер на Република Македонија а во Водовод и канализација во Скопје била вработена братучетката на пратеникот, Јелица Милошоска.
На листата се најдоа и ќерките на поранешната претседателка на Уставниот суд Елена Гошева, ќерката на судијата Реџепагиќ, како и роднини на членовите на Судски совет, советници во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.
-Вработувањето е најболна точка во државата и имињата што се конектираат со претходната и сегашната власт покажуваат дека е синдром од порано. Јасно е дека ни една власт не е имуна. Ние треба да заклучиме зошто се генерира ваква можност и каде се корените за условно кажано злоупотреба на власта. И должиме на јавноста да ги лоцираме причините и да инсистираме на нивно отклонување, рече членот на ДКСК Софка Петровска Дојчиновска.
Членот на ДКСК Владимир Георгиев побара Комисијата да изготви став како во иднина да се спречи ваквата пракса, а претседателката на ДКСК Билјана Ивановска посочи дека ќе утврдат во каква постапка биле вработувани блиските на функционерите и дали се исполнети критериумите.
Комисијата одлучи да се прибават документи за утврдување или отфрлување на наводите во пријавите доставени од приватни лица за злоупотреба на дискрециските овластувања на јавен функционер при спроведување на оглас за вработување во една од клиниките од Клиничкиот центар во Скопје, евентуалната злоупотреба од актуелен министер за вработување на негови блиски во гимназија во внатрешоста, како и евентуалниот судир на интереси за давање надлежност на лице во Собранието по престанок на неговата функција.
Државната комисија за спречување на корупцијата одлучи да покрене прекршочна постапка против Азис Положани, ректорот на Државниот универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје, заради недоставување анкетен лист за имотната состојба.
Како што беше истакнато на денешната седница на ДКСК, Положани на функцијата бил избран во април минатата година, а се уште до ДКСК нема доставено анкетен лист за неговиот и за имотот на членовите на неговото семејство, иако според Законот е должен тоа да го направи во рок од 30 дена по стапувањето на функцијата.
ДКСК на денешната седница донесе одлука да формира Комисија за преземање на анкетните листови, изјавите на итереси и пријавите за промени во имотната состојба на администативни службеници од категорија „А“, односно генерални и државни секретари во локална ицентрална власт, како и Прекршочна комисија во која ќе бидат челенови службеници од Секретаријатот на ДКСК кои ќе имаат задача да ги спроведуваат прекршочните постапки што ќе ги побара ДКСК, а ги усвои и Извештајот за степенот на оствареност на активностите во ДКСК за 2017 година и заклучи да го објави на својата веб-страница, како и Предлог мемеорандумот за соработка со Агенцијата за судии и јавни обвинители.
Одговарајќи на прашање претседателката на ДКСК посочи дека првите резултати од работата на Комисијата треба да се очекуваат откако ќе стигнат одговорите на барањата што ги испратиле до институциите.
-Од претходните случаи се уште не сме добиле документи. Штом ќе ги добиеме и ние сакаме час поскоро да ги објавиме резултатите, рече Ивановска.
Членот на ДКСК Нури Бајрами во одговор на прашање посочи дека секако ќе биде изземен при одлучувањето дали постои судир на инереси при вработувањето на неговата внука во МЕПСО.
-Јасно е дека ќе се изземам без оглед што во овој случај имаше известување дека нема директен судир на интереси со баџанакот. Во овој случај во прашање е етика и морал и така треба да се постапи. Тоа веќе го знае Комисијата и јавноста и ќе се постапи согласно законот, рече Бајрами.
Пред две недели Антикорупциска отвори постапка по допрен глас за проверка на 18 вработувања на роднини на актуелни функционери од власта.
Ќе се проверуваат сите вработувања за кои се слушна во јавноста: На сопругот, синот и братот на пратеничката на СДСМ Мира Стојчевска, вработувањето на ќерката на спикерот Талат Џафери, потоа на сестрите на министрите Асаф Адеми и Крешник Бектеши, вработувањата на сестрата, дедото и бабата на пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски, синот на пратеникот на НСДП Горан Мисовски, ќерката на пратеничката од независната група Емилија Александрова, мајката на пратеникот и портарпол на СДСМ Констадин Костадинов, сопругата на пратеникот Зеќир Рамичиловиќ и синот на пратеничката Милева Ѓорѓиева.
Исто така, под лупа на Антикорупциска ќе бидат и вработувања на сопругите на градоначалниците на Неготино и Берово, на внуката на градоначалникот на Прилеп и сопругот на државниот секретар во МВР Магдалена Несторовска.
Проверките ќе бидат насочени кон вработувањата во МЕПСО, ЕЛЕМ, АЕК, УЈП, а дел од спорните вработувања биле преку агенции за привремено вработување, за што комисијата укажа дека токму овде гледаат можност за реагирање на начинот и постапката, како роднини на функционерите стасале до работните места.
На повик на премиерот Зоран Заев, роднините на дел од функционерите од СДСМ дадоа откази.
Заев рече и дека ќе бара одговорност од функционерите доколку од страна на сите надлежни институции се докаже дека имало вмешаност или влијание при вработувања во државните институции.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски најави дека до Антикорупциска ќе бидат доставени сите информации за вработувања и сега и од претходната власт.
Од ДУИ засега молк за темата непотизам, иако во јавноста се открија и случаи на нептоизам поврзани со блсики роднини на нивни функционери.
Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека нема да побара од неговата сестра да го напушти работното место во АД МЕПСО, бидејќи, како што рече, не е вработена во Министерството за економија, полнолетна е, не живее со него, мажена е и сама одлучува за својот живот.
Во АД ЕЛЕМ е вработена и Нертила Усеини Каба, сопругата за братот на сопругата на Бектеши.
На списокот на сомнителни партиски вработувања за кои Антикорупциската комисија соопшти дека ќе ги истражи се и вработувањето во ЕЛЕМ на сестрата на министерот за култура Асаф Адеми, кој е од партијата „Алтернатива“.