По препорака на Комисијата за заразни болести и Главниот кризен штаб, Владата на вчерашната седница го укина полицискиот час и донесе нови олеснувања на мерките за заштита од Ковид-19. По повеќе месечен карантин во доцните вечерни часови, од денеска граѓаните ќе може да се движат без ограничувања, угостителските објекти ќе работат со вообичаеното работно време до полноќ, односно во 01 часот во петок и сабота, а дозволено ќе биде да се одржуваат свадби, прослави и настани на отворен простор со гости до најмногу 50 проценти од капацитетот на објектот.
На тема олеснување на мерките за заштита од Ковид 19, поразговаравме со специјалистот по трудова медецина, доктор Илчо Ефкоски од Тетово. Тој за НОВА ТВ вели дека олеснувањето на мерките доаѓа во вистинско време, но алармира дека мора да бидеме внимателни со патувањата во други земји, особено онаму каде веќе се шири индиската варијанта на корона вирусот.
Владата вчера донесе одлука за олабавување на рестриктините мерки, што значи дека од денеска е укинат полицискиот час, се укинува ограничувањето на работното време за угосителските објекти и се дозволува организирање на свадби и настани на отворен простор со 50 проценти од капацитетите. Дали олеснувањето на мерките е навремено, во претсрет на летните одмори и стабилната епидемиолошка состојба во земјава?
„Сметам дека овој пат, за разлика од минатата година, мерките се донесени во вистинско време, за да може економијата да живне и народот да се ослободи кога релативно е низок ризикот за заразување. Вирусот секако ќе остане меѓу нас, без разлика дали е лето или зима, тоа не научи искуството од минатата година. Тој нема да исчезне и ние треба да се научиме да живееме со него. Тоа го кажуваме цело време, дека ова е ново време во кое ние мора да се адаптираме кон вирусот. Во случајов ние не може да го гледаме само здравјето, треба да ја гледаме и државата и состојбата на луѓето и она целото затворање колку тоа може да се издржи, освен психички и економски, така да повеќе фактори се во игра“, вели доктор Илчо Ефкоски.
Во повеќе европски држави, се заканува опсаност од ширење на индиската мутација на корона вирусот. Велика Британија го одложи олеснувањето на рестрикциите. Дали и Македонија треба да размисли во насока дека премногу отворени, во случајов граници, се опаност за ширење на нови, поопасни соеви на вирусот?
„Секако дека има опасност и тука би требало да се изигра малку посериозно на граница, значи оној пропуст колку ќе го пуштиме да влезе кај нас и она детектирање на сите случаи кои што се во моментот активни. Би требало да се врши почесто секвенионирање во МАНУ за да може да знаеме кој човек со кој сој позитивен е заразен во Македонија, а преку тоа ќе знаеме и дали индискиот сој е влезен или не е влезен за навремено да се реагира и да се ограничи неговото ширење. Но, за сега ние имаме една отворена политика кон соседните земји и кон други земји каде е утврден индискиот сој, и да лесно може да прелета со некој од Турција или од Египет кои што се во моментов на одмор и да ни дојдат тука и кај нас“, додава тој.
Како да се заштитиме во вакви околности?
„Зашитата се ПЦР тестовите кои може да се иработат пред да дојдат граѓаните повратно во нашата земја. Вакцинацијата си стои, секако дека треба да се убрза и да биде помасовна“, вели Ефкоски
Кога сме кај вакцинацијата, реалноста е дека со имунизација на населението, пред се на ризичните групи на граѓани почнавме подоцна од другите земји и со помало темпо, потоа имаше поголема достава на вакцини и обемот на имунизација се забрза, се вакцинираа и по 10.000 граѓани дневно… Деновиве сме сведоци дека мацовната имунизаиција стагнира, во најголем дел од вакциналните пунктови се вршат ревакцини, а помал број се оние кои примаат прва доза, некаде околу 2000 до 3000 граѓани дневно. Каков е вашиот став во однос на вакцинацијата?
„Вакцинацијата треба да продолжи и да биде помасовна. Цело време тоа го апелираме докторите дека вакцината нуди каква таква заштита. Тоа е една дополнителна мерка на заштита, не е лек, и не треба така да се свати целата приказна. За жал кај нас народот смета дека штом е вакциниран дека е и целосно зашитен и потоа паѓаат маските, и за жал паѓаат маските и паѓаат сите заштитни мерки уште во првите две три недели по примена вакцина, па се случува да имаме и реинфекции на луѓе кои што се веќе вакцинирани со прва или со втора доза, а веднаш потоа се заразиле и имаме позитивен ПЦР тест. Би препорачал сите кои што се вакцинирани да бидат трпеливи, да бидат информирани или од нивниот матичен лекар или на вакциналните пунктови,секако сите информации ги има и на интеренет и на медиумите, колку време е потребно за да се создаде заштита, да се создадат доволно антитела, да создадат доволно заштита односно имунитет кон овој вирус. Не смееме да се опуштиме и покрај тоа што сме вакинирани. Се уште не сме сигурни и колку време ќе не штити оваа вакцина, таа може да не штити шест месеци, може да не штити една година, но ние мора да бидеме подготвени и да се придржуваме кон сите мерки на заштита“, апелира доктор Ефкоски.
„Спутник В“ е најдобра во борбата против индискиот вид на ковид-19
Официјалниот профил на руската вакцина „Спутник В“ на Институтот Гамелеја од Москва, објави на Твитер дека руската вакцина против коронавирусот е поефикасна против Делта сојот на коронавирусот откриен во Индија отколку другите вакцини кои објавиле податоци за тој сој.
„Вакцината „Спутник В“ е поефикасна против Делта-сојот на коронавирус, кој првпат беше откриен во Индија, отколку другите вакцини што објавија податоци за тој вид“, велат креаторите на вакцината, повикувајќи се на истражување на истражувачкиот центар „Гамалеја“, кое било поднесено за објавување во меѓународно научно списание.
Претходно, министерот за здравство на Велика Британија, Мет Ханкок, предупреди дека новиот делта вид е 40% позаразен од британскиот.
Вакцината „Спутник V“, произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“ во соработка со рускиот фонд за директни инвестиции, на 11 август доби потврда за регистрација од руското Министерство за здравство, со што стана првата регистрирана вакцина против Ковид-19 во светот.
Ефикасноста на вакцината е 97,6 проценти, врз основа на анализата на податоците за 3,8 милиони вакцинирани руски граѓани, што е повеќе од податоците што претходно ги објави медицинското списание „Лансет“ (91,6 проценти).
Биљана Божиновска