Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) денеска, во рамки на 31-от Конгрес на организацијата што се одржува во Мускат, Оман, ја избра Французинката Доминик Прадали за нова претседателка на организацијата. Таа е втора жена на позицијата во, речиси, 100-годишната историја на ИФЈ.
Доминик Прадали е генерален секретар на синдикатот на француските новинари, а целата своја професионална кариера ја мина на националната телевизија, каде што беше и главна уредничка. Била и член на Француската комисија за новинарска етика и медијација.
Прадали беше член на Извршниот одбор на ИФЈ во два мандата.
Доминик Прадали вети дека ќе го посвети својот мандат за слободата на печатот ширум светот, за солидарност меѓу колегите, како и за подобрување на нивната финансиска состојба, за поддршка за новинарите кои работат во воените зони и нивна безбедност, особено имајќи предвид дека од последниот Конгрес пред три години се убиени и страдале повеќе од 200 новинари.
Меѓународната федерација на новинари е основана во 1926 година во Париз на иницијатива на новинарот и активист Жорж Бурдон, кој беше и еден од основачите на Лигата за човекови права. Неговата животна мисија беше солидарност меѓу сите новинари на планетата и подобрување на условите за работа за целосно и објективно пренесување на информациите, што остана основна задача и по речиси еден век постоење на Федерацијата.