Европската Комисија (ЕК) поднесе предлог за потпишување на договор меѓу Европската Унија (ЕУ) и Северна Македонија за Фронтекс, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската Комисија го поднесе предлогот за договор со граничната и крајбрежна агенција на ЕУ, Фронтекс, на 23 септември до Советот, т.е. земјите членки на ЕУ. Договорот досега е блокиран поради Бугарија која не се согласуваше со употребата на терминот „македонски јазик“ во текстот на договорот.
Во соопштението на ЕК се наведува дека предлогот ќе помогне да се зајакне капацитетот на Фронтекс во најблиското соседство на ЕУ, преку помош за властите во земјава да се справат со нерегуларна миграција, борба против шверц и засилена безбедност на надворешните граници на ЕУ.
Комисијата потсетува дека договорот со Северна Македонија ќе содржи и „силни одредби за заштита на темелните права“. Предлогот сега треба да го одобрат земјите членки на ЕУ за да може договорот да биде финализиран и да стапи на сила.