Експерти, претставници на институции и универзитетски професори веќе неколку часа расправаа во Уставниот суд за уставноста на Законот за лустрација.
Уставноста на овој закон судот ја оценува по трет пат, а овој пат поводот се трите иницијативи поднесени до судот и тоа од Хелсиншкиот комитет за човекови права и од граѓани поединци (Александар Петрушевски, адвокат и Стамен Филипов, граѓанин) со кои се оспорува законот во целина како и одделни 14 члена од истиот закон.
На оваа подготвителна седница се слушнаа мислењата на експертската јавност, а на одделна седница Уставниот суд ќе одлучува по иницијативите.
Кој беше „за“ иницијативата
Претставникот на Хелсиншкиот комитет, универзитетскиот професор Љубомир Фрчковски, ги образложи според нив, спорните точки во Законот, односно периодот на опфат, процедуралните граници и јавното објавување на лустрираните.
-Овој период е спорен, бидејќи по 1991 година се изменија многу влади во РМ. Имаше десетина министри за внатрешни работи. Сите партии беа на власт. Во никој случај не можеме да зборуваме дека сите тие години опстанал комунистичкиот режим бидејќи тој е предмет на законот за лустрација.
Фрчковски истакна дека иако идејата за лустрација не е спорна, но дека, сепак, на процесот му недостига фер постапување, односно можност за излагање на одбрана на лустрираниот.
Во моментов лустрираните единствено можат да тужат и да ја образлагаат својата евентуална невиност само на суд, но откако ќе бидат лустрирани, а не и пред комисијата.
И поранешната судијка од Стразбур и актуелен врховен судија во судот во БиХ, Маргарита Цаца Николовска се приклучи во одбрана на тезите на иницијативата пред Уставниот суд.
Таа истакна дека тука мора да се земе во предвид мислењето на Венецијанската комисија потсети дека истите забелешки се и во текстот со мислење на Венецијанската комисија.
-Во целост го поддржувам изнесеното мислење на Венецијанската комисија. Што се однесува до самиот закон сакам да укажам дека промената на името во законот, а тоа е пристап до документите од органите за државна безбедност, не може да биде основ да веќе донесените одлуки на Уставниот суд не се извршуваат и не се земаат во предвид, а судот веќе се има изјаснето во однос на временската рамка на овој закон, изјави Николовска.
Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров, смета дека со законот се лустрираат луѓе кои биле жртви во претходниот режим, а белегот врз тие луѓе останува засекогаш, а лустрацијата е пострашна дури и од затворската казна.
-Во Чешка и Полска имаме институции кои ја утврдуваат веродостојноста на секое досие, потоа нивните извештаи одат на судска постапка и дури тогаш по одлуката на судот се одзема државната функција на човекот ако се утврди дека кодошел. Овде кај нас се решава со еден единствен документ и со една комисија, рече Пивоваров пред судот.
Кој беше „против“ иницијативата
Универзитетскиот професор Димитар Мирчев, поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски, како и државниот адвокат пред Судот за човекови права во Стразбург го бранеа моменталниот закон за лустрација. За експерот Димитар Мирчев законот воопшто не е спорен. Тој истакна дека временската рамка на законот е во ред и пеиодот кој го опфаќа (од 1944 до 2006) е легитимитен.
-Во 91 е донесен новиот устав кој ги гарантира човековите права, но и претходниот устав ги гарантирал, но не значело дека не се кршеле. Но, штом е донесен во таа форма, апсолутно сметам дека треба да важи во таа временска рамка. Добар дел од службите останале, методите останале, мрежите сорботници останале.
Мирчев им се обрати и на поднесителите на иницијативата, односно Хелсишншкиот комитет и праша дали Венецијанската комисија препишувала од нив или тие препишувале од Венецијанската комисија.
Поранешниот вицепремиер за евроинтерграции Ивица Боцевски истакна дека согласно теориите за демократизација периодот на опфат на лустрацијата е добар.
-Теоријата вели дека се зема точката од која почнува демократизациајта. Во овој случај тоа би требало да биде 1998 година бидејќи тоггаш вистински демократски се избра влада.
Според теориите демократизацијата трае две влади – што значи ако почнала во 1998 би завршила во 2006, ако почнала во 1994 тогаш веројатно би завршила во 2002, рече Боцевски.
Адвокатот на Македонија пред судот за човекови права во Стразбур, Коста Богданов, исто така, застана во одбрана на постоечкото решение на законот за лустрација образложувајќи го со историски факти и случаи пред судот во Стразбур, на што остро реагираше професорката Фросина Ременски која пред Судот истакна дека Богданов ја извртува историјата.
Како течеше расправата
Откако заршија излагањата, уставнтие судии им поставуваа прашања на експертите. Судијата Владимир Стојановски го праша професорот Пивоваров кога припадниците на службата за државна безбедност се демократизирале и дали тоа се случило преку ноќ во 1991 година, на што поранешниот полицаец остро реагираше.
-Ние тогаш покажавме многу поголема лојалност. Токму тие вработени овозможија создавање на независна Македонија. Кога ја создававме оваа држава нашите колеги ги затворавме во одделни простории, во други соби за да не ни ги издадат плановите, списоците, а сега дел од истите тие луѓе се и големи функционери, реплицираше Пивоваров.
Претседателот на уставниот суд Бранко Наумовски истакна дека не може лустрацијата и нејзината комисија да бидат еден единствен инструмент кој се стави на служба на одбрана на демократијата, кога постојат институции во земјата кои го прават тоа. На ова реплицираше Мирчев.
-Ако во Македонија има демократски институции, тогаш зошто постои Уставниот суд, праша Мирчев по што следеа реакции на негодување во салата.
Во Извештајот за човекови права на Стејт Департментот за 2012 беше нагласено дека лустрацијата во земјава се користи како средство за политичка пресметка со неистомислениците.