Вкупната воена помош на Европската Унија (ЕУ) за Украина досега достигна 2,5 милијарди евра, вклучувајќи ја и последната транша од 500 милиони евра за помош на украинските воени сили, јави дописничката на МИА од Брисел.
Помошта за украинските воени сили е преку Европскиот мировен фонд, кој е меѓувладин инструмент на ЕУ и не минува преку заеднички европски политики. Целта е да ѝ се пружа помош на украинската војска за одбрана од руската агресија и да им се помогне на цивилите.
Новата транша од 500 милиони евра во рамките на Мировниот фонд на ЕУ и Киев беше усвоена денеска, со што од 28 февруари досега Украина добила 2,5 милијарди евра од ЕУ само во воениот дел.
Шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел ја поздрави новата помош која се состои од 490 милиони евра за воена опрема и 10 милиони евра за резерви на разни видови опрема како лична заштитна опрема, прва помош и гориво.
Претходно преку Европскиот мировен фонд е мобилизирана помош на 28 февруари, на 23 март, на 12 април и на 23 мај.