Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) заедно со Европската куќа го одбележуваат 9 Мај – Денот на Европа преку низа активности организирани под слоганот #ThinkForward, а во фокусот ќе бидат младите.
Шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир и младите европски амбасадори Рената Пенчова и Александар Каратошо денеска ќе имаат интеракција со младите од WB6 од Европската куќа во Скопје. Промотивниот настан ќе се пренесува во живо на Фејсбук страната на Делгацијата на ЕУ, а понатаму ќе се емитува на националната телевизија МТВ денеска во 17:45 часот.
Работниот дел од конференцијата ќе се одржи на 9 и 10 мај во Младинскиот културен центар (МКЦ) каде ќе се сретнат 30 млади луѓе од целиот регион на Западен Балкан за да разговараат за решенија за подобра свест за менталното здравје, зајакната регионална соработка и помирување како и за Европскиот зелен договор. Оваа конференција се организира со поддршка на Советот за регионална соработка (РЦЦ) и скопскиот огранок на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).
Младите учесници на конференцијата потоа ќе ги презентираат заклучоците од својата работа пред премиерот и ресорните министри од Владата на Северна Македонија – како партнери и клучни актери за промени на подобро. Ова ќе се направи на седницата „Преземање од страна на Владата“ на 12 мај во 13:30 часот, која Владата ќе ја пренесува во живо.