Војната во Украина отвори многу прашања и дилеми за иднината на Европската унија (ЕУ) и новите земји членки. Како да се задоволат геополитичките интереси и притоа да не се наруши веќе нарушената ефикасност на европската конструкција? – Борјан Јовановски разговараше со професорот Флориан Бибер.
НоваТВ: Што се случува со процесот на проширувањето? – Гледано однадвор делува многу хаотично.
– Ситуацијата со процесот на проширување е конфузна. Има повеќе причини. Прво се отворија многу дискусии за тоа што да се прави со апликациите за членство на Украина, Молдова и Грузија. Знаеме дека Европската комисија подготвува извештај за тие земји и тој би требало да биде објавен во јуни. Не се знае дали ќе добијат кандидатски статус. Земјите од источна и централна Европа, силно се залагаат за тоа, додека, пак, Макрон и Франција не се многу расположени и ја протежираат идејата за геополитичка европска заедница.
Се разбира, во овој контекст се и дебатите за тоа што да се прави со Западниот Балкан. Тоа не е јасно. Процесот формално продолжува, но како што гледаме тој во пракса е во застој. Северна Македонија и Албанија не можат да започнат преговори, нема решение со Бугарија и тоа оди горе и долу кога зборуваме за надежи. Не се знае што ќе се случува. Дали Франција ќе успее да обезбеди некаков напредок пред Самитот во јуни. Мислам дека за да се упати добар сигнал кон Украина, важно е да се продолжи со проширувањето кон Балканот.
Ако ѝ се даде кандидатски статус на Украина, а нема напредок со Македонија тогаш тоа е обесхрабрувачки сигнал за Украина, која гледа колку години Македонија чека за старт на преговори. Затоа е многу важно да се испрати позитивна порака кон Балканот, што ќе има ефект и кон Украина. Каква ќе биде пораката, сè уште е нејасно. Сега сме во чекална да видиме што ќе се одлучи.
НоваТВ: Како ја разбирате идејата на Макрон за геополитичка унија?
– Постои ризик. Проблемот е што доаѓа од Макрон, бидејќи знаеме дека Макрон и Франција се скептични кон проширувањето. Инаку, тоа изгледа како идеја за еден алтернативен круг во кој ќе бидат останатите земји. Тоа можеби не е целосно исклучување од ЕУ, но личи како да е освојување на награда за второ место во трката. Тоа е ризикот. Сега треба да се земат во предвид причините за загриженоста на Франција во однос на проширувањето. Главната загриженост на Париз е промената на Договорот за ЕУ. Јасно е дека без промени на овој Договор, тешко е да се акомодираат новите членки во ЕУ. Треба да се притисне за промена на тој Договор, на пример во однос на Унгарија која гледаме како се однесува во однос на санкциите кон Русија и нејзината улога на автократски руски мост во ЕУ кој создава проблеми. Значи, новиот Договор треба да го отстрани правото на вето. Без тоа, мислам дека проширувањето ќе оди тешко.
Друга работа е ова што го гледаме како предлог на ЦЕПС (Центар за европски политички студии) со идеја проширувањето да се одвива во повеќе фази. Тоа значи, на пример, првата фаза да е некакво првично членство што подразбира да се отворат фондовите на ЕУ за овие земји, но истите да немаат право на глас. Потоа во некоја втора фаза да постои членство, но без сите права на постоечките земји членки, како на пример да имате ваш комесар или право на вето. Тоа е нешто како да се биде член за да се докажете дека може да функционирате како полноправна членка. Тоа, некако, би ги задоволило Французите и воедно би овозможило државите кои преговараат побрзо да стигнат до развојните фондови кои се сега на располагање само на земјите членки.
Порано ова делуваше егзотично, како предлог во овие околности повеќе земји членки се изјаснуваат за ваков концепт. Вака дизајниран процес, исто така, би можел да биде подоцна применет и за Украина и тој регион. Постојат многу иницијативи, дискусии и размислувања на оваа тема. Јас лично не мислам дека геополитичка унија е добра опција за напредок на процесот, бидејќи тоа ќе биде некаков паркинг за оние кои сакаат да ѝ се придружат на ЕУ.
НоваТВ: Што ќе се прави со Бугарија? – Има ли шанси да се дигне ветото?
– Што се однесува до Бугарија, не е јасно. Еден ден имате охрабрувачки сигнали, па ден потоа обесхрабрувачки. Важно е да се направи јасен притисок кон Бугарија, многу појасен од она што го видовме досега, но, исто така, да ѝ се понуди излез на Бугарија од ова што може да нема врска во односите на Софија со Скопје, туку со ЕУ како на пример вклучување во Шенген или некои други аспекти. Ова е голем предизвик и од големо значење е, бидејќи решавањето на овој проблем во актуелните геополитички околности е од огромно значење за да се упати позитивен сигнал, не само кон Македонија и Албанија и регионот, туку и кон Украина.
Втората работа е инмицијативата „Отворен Балкан“. Во ЕУ имаат помалку дилеми што да прават со тоа, дали е добро или е лошо и што е целта на тоа. Дали е тоа шоу на Рама и Вучиќ во кое е Северна Македонија за да ги задржи добрите односи со овие две земји. Германија, исто така, има дилеми околу процесот, бидејќи не знае што ќе прави со Берлинскиот процес. Новата влада во Германија има намера да го рестартира Берлинскиот процес. Во секој случај, „Отворен Балкан“ нема да биде корисна алатка, ако во него не се вклучат како партнери и останатите земји од Западен Балкан. Не е потребна нова структура во која ги нема Црна Гора, Косово и БиХ. Сe има впечаток дека иницијативата создава повеќе конфузија, отколку што помага во оваа ситуација.
НоваТВ: Какви се вашите очекувања од овој хаос сега?
– Никој не знае што ќе се случува. Хаотичноста е лоша, но може да биде и добра. Гледаме дека она што беше како заложба за проширувањето кон Балканот, веќе 20 години не функционира. Војната во Украина ги потсети сите дека проширувањето е геополтичка одлука, а не техничка. Тоа може да биде шанса. ЕУ знае некогаш да изненади со добри и креативни идеи, па потоа да разочара. Сега имаме идеи, но дали ќе бидеме позитивно изненадени или разочарани ќе видиме.
Во секој случај, јасно е дека сега се отвораат многу повеќе можности од пред половина година пред оваа војна. Сега има заложба да се смисли нешто креативно. Тоа е важно. Бидејќи дури и Бугарија да го тргне ветото утре има други кои чекаат ред. Хрватска, на пример, во однос на Босна и Херцеговина и Србија, што е сериозна закана дури и многу поопасно од бугарското вето. Постојат многу проблеми кои само чекаат да се појават.
Борјан Јовановски