Само заеднички и на интегриран начин и обединето ќе можеме да се справиме со предизвиците што се пред нас, порача потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилјана Павлова на отворањето на локалната канцеларија на ЕИБ во Скопје што ќе биде лоцирана во просториите на Делегацијата на ЕУ во земјава.
„Мило ми е што дојде време и Скопје да се придружи на семејството на ЕИБ канцелариите ширум светот. Верувам дека отворањето на оваа канцеларија претставува многу силен сигнал на нашата долготрајна силна поддршка на земјата и на регионот во пристапните преговори и генерално во евроинтеграциите“, рече Павлова.
Отворањето на канцеларијата, додаде, ќе понуди нови можности за поддршка и да овозможиме нужна поддршка во овие многу ризични времиња во кои се соочуваме со социо-економски предизвици, енергетската криза и војната во Украина, а покрај тоа се уште се опоравуваме и од ковид-кризата и допрва треба да се соочиме со предизвиците од климатските промени.
„Заеднички работиме на проекти и имаме низа проекти на кои ќе соработуваме. Коридорот 8 е еден од проектите кои допрва ќе следи, тука се и водоснабдителните проекти со МЖСПП, а со иновативниот пристап под палката на Министерството за финансии и проектите за давање на поддршка на мали и средни претпријатија, како и за зајакнување на капацитетот на Развојната банка. Се надевам дека набрзо ќе почнеме со нашите проекти за поддршка на регионот“, додаде Павлова.
Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека отворањето на претставништвото на ЕИБ во земјава е силно охрабрување за сите наши планови за одржување и раст на нашата економија и силна порака и признание за земјава и на нашите заложби во врвот на приоритетите да ги ставиме енергетската транзиција, заштитата на животната средина, одржливиот транспорт, локалниот економски развој и приватниот сектор.
Тој потсети дека ЕИБ е активна во земјава од 1991 година и преку неа се обезбедени финасии во висина од една милијарда евра за поддршка на клучни инфраструктурни проекти за развој на локални заедници и за поддршка намалите и средните претпријатија.
Министерот за финансии Фатмир Бесими порача дека отворањето на оваа канцеларија е уште еден доказ за блиската соработка меѓу нашата земја и ЕУ во процесот на нашето пристапување кон членство во ЕУ и додаде дека ЕИБ во континуитет ги поддржува најголемите проекти на нашата Влада.
Евроамбасадорот Дејвид Гир најави дека и понатаму ќе продолжат со поддршката на земјава за да го реализира потенцијалот за економски развој. Тој додаде дека фактот што седиштето на Канцеларијата на ЕИБ ќе биде во просториите на Делегацијата на ЕУ ќе овозможи подобра координација на иницијативите но и ќе ја приближи ЕИБ до граѓаните.