Европската Унија (ЕУ) денеска одржува меѓународна донаторска конференција за помош на сириските бегалци и нивните земји домаќини.
„И покрај војната на нашиот праг, ЕУ не заборава на другите конфликти“, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел пред конференцијата во Брисел, алудирајќи на војната во Украина.
„Милиони луѓе во Сирија и во регионот секој ден зависат од хуманитарна помош“, рече Борел.
Над 13 милиони луѓе ја напуштиле Сирија или биле раселени во земјата од почетокот на конфликтот во 2011 година, според УНХЦР.
„Околу 5,6 милиони Сиријци нашле засолниште во соседните и блиски земји“, објави УНХЦР, а многумина живеат во сиромаштија.
Конференцијата е 10-та годишна донаторска конференција за Сиријците од 2013 година. По конференциите во Кувајт и Лондон, Брисел е домаќин на конференциите од 2017 година.
Минатата година на конференцијата беа собрани 5,3 милијарди евра (5,6 милијарди долари) од кои 3,7 милијарди евра беа од Европската Комисија и земјите-членки на ЕУ.
Според Комисијата, од почетокот на војната во 2011 година, ЕУ и нејзините земји-членки донирале 27,4 милијарди евра за хуманитарна помош за Сирија и регионот.