Издавачката куќа „Феникс“, заедно со Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“, распишува конкурс за необјавени драмски текстови за деца и млади. На конкурсот можат да учествуваат сите заинтересирани автори со пиеси на слободна тема, без никакви ограничувања на обемот, стилот и содржината.
Целта на организаторите е поттикнување на авторите, но и презентација и афирмација на драмското творештво за деца и млади кое кај нас, велат од „Феникс“, не само што не е на задоволително ниво, туку речиси воопшто не постои.
Најдобрите пиеси ќе ги разгледува и оцени стручно жири, а избраните драмски текстови ќе бидат објавени во посебно издание. Постои и можност неколку од најдобрите пиеси од овој конкурс да бидат изведени од Независниот театар за деца и млади „Бајка“ кој работи во рамките на Културниот центар „Феникс“.
Конкурсот ќе трае до 1 јуни 2013 година.