Нешто над два милиона влезници ќе бидат пуштени во продажба за Светското фудбалско првенство во Катар, а заклучно со првата фаза која заврши денеска се поднесени 17 милиони барања или речиси девет пати повеќе од планираното, соопшти ФИФА.
Најголем број од барањата за влезници, или околу 1,8 милиони, се однесуваат за финалето што е закажано на 18 декември.
Најголем дел од вкупниот број на барања за влезници се поднесени од државјани на Катар, но во голем број барања се пристигнати и од светските фудбалски центри, вклучувајќи ги Англија, Бразил, Аргентина, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, САД, Франција, Индија и Мексико, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Првата фаза од продажбата на влезниците почна на 19 јануари, а кој успеал да дојде до влезници ќе биде објавено на 8 март.