Aвтор: Филип Јовановски
Монтажната галерија – Чекан што ги обликува потребите во општеството!!!
„Значењето е употреба.“
– Лудвиг Витгенштајн
Стигнавме и до деветтото издание на АКТО фестивалот за современи уметности.
Често, дури и кога не сакам да мислам, дури и кога се обидувам како уметник, културен работник и активист да ги избегнам тие прашања – каде тоа стигнавме, временски или просторно – заглавувам во точно една врска: помеѓу возможното, да се издржи, и реалното, да се уништи сето она што постои или, пак, да се пропадне во хронична депресија во границите на возможното.
’68-машите нè гњавеа (татко ми особено) дека треба да бидеме реални , да го бараме невозможното. Ок, ќе ги слушаме, ќе го бараме , ама со тоа ни се еба мамата, тоа се заебани аманети…кога некој ќе ти каже дека невозможото е реалност, тогаш заглавуваш во сопствените битки со општеството…во бескрајните реалитети на можните „успеси“ со системот.
А возможно ли е човек да го победи системот? Можно ли е бог да создаде камен што не може да го дигне? Со тоа си ја чукаа главата и Хокинг и Хајзенберг – до каде е стварноста предвидлива? Може ли да знаеме дали мачката е жива или мртва?…..
Невозможно беше да се направи една влезна врата, како што сакавме, а камоли цела галерија, но ете тие, ’68машите (и татко ми во нив како инжинер/статичар, најреалниот човек во тимот)нè убедуваше дека може.
Не убедуваше дека треба да го бараме невозможното, иако самиот тој се занимаваше со равенки, оние за кои Хајзенберг се двоумеше, и оние кои Хокинг сè уште ги преиспитува, равенките од класична механика/статика….за да стои таа наша галерија, таа нереалност и невозможност да може да стои, да не падни, да ни ги скрши глајте…. оти срцата одамна ни се скршени!!!
Дојде, пак ви викам, деветтото издание на АКТО фестивалот, ние во меѓувреме пораснавме, за една минути по три години, а не за девет години…кога мислевме дека сè е можно, денес истото го мислиме, со тоа што поминаа скоро двеста години…а ние славиме само девет…мачките, оние на Хајзенберг имаат толку, по девет животи…само толку , девет, и ние ко нив…прашање е дали ќе останеме живи…тоа Хајзенберг треба да го знае!..
А што правел Брехт во меѓувреме?
Тој не издржа да стигне до ’68-ма…дванаесет години порано си ојде … па тој што аманет ни остај, да си ја чукаме глата сочекани………Пазолини, издржа до ’68ма, ама пак уште малце после тоа си ојде, Цепенков му викаше „ тешко останва жив, тојшо ја кажва истината„ …Оти пак тој, Паоло,..заглавил со Грамши…ко Госпо да е!!!
И сите овие што ги спомнав, од татко ми што гњавеше како спиеле во аулата на Филозофски факултет во Белград во јуни ’68-ма, до Брехт, кој што умот ни го извади од удирање со чекани по главите на царевите, до Пазолини што нè учеше што е победа направена со оружјата на разумот, сите тие – еден куп аманети остаја!
А, ние, да не ги остајме да се превртват во гробојте, што викаше Цепенков!!!
Седам…денес во Битола, утре во Скопје…си мислам, може ли уметноста да ја промени политичката реалност? Или можеби поправилно би било да си го поставиме прашањето:
Дали уметноста има своја сопствена територија којашто треба да се брани? Која е таа територија? Дали таа е материјален простор или пак обид за создавање на заедница во поширок општествен и политички контекст, заедница на противречности и процепи во кои таа и би требало да се креира?! Заедница создадена од секојдневно променливи и инклузивни граници на дефинирање на демократијата како неопходен простор за делување?! Дали тој демократски простор на делување на уметноста има своја автономија и во кои рамки на таа заедница таа автономија треба да се бара?
Она што го викаше Ед Рајнхард (Ad Reinhardt): „Да се каже една работа за уметноста е дека таа е една работа. Уметноста е уметност-како-уметност, а сè останато е сè останато.
Уметноста-како-уметност не е ништо друго, туку уметност.“ Е обид за повикување на автономијата на уметноста.
Автономијата на уметноста е противречна, често ставена во различни манипулативни контексти и доколку е така, би требало да значи дека уметноста не претставува никаков извор и можност за да предизвика било каква општествена промена?!
Ако е така, тогаш уметноста во најдобар случај претставува декор, дизајн, естетизација, често додаток на политичката желба. Овој додаток можеби е и клучен во дефинирањето на автономијата на уметноста, оттука следува клучното прашање: Дали уметноста содржи било каква сопствена моќ или таа е само уште една можност да се украсуваат надворешните сили во креирањето на културата?
Затоа, прашањето за автономијата на уметноста е клучно во дефинирањето на врската помеѓу уметноста и нејзината сила да променува.
Автономијата на уметноста подразбира да се излезе од сопствените граници и физички простори, и да ги менува институциите чијашто „автономија“ е резултат на строго дефинираниот вкус на доминантите позиции на моќ.
Она што го вика Шантал Муф (Chantal Mouffe) дека е потребна хегемонија на демократските вредности, а сето тоа повлекува мултипликација на демократските практики, институционализирајќи ги во многу повеќе социјални односи како основа не само за да ја одбрани демократијата, туку и да ја продлабочи – ме наведува на заклучокот дека уметноста не смее да биде декор, туку активен чинител во креирањето на општествените промени.
Сето ова го повлекува прашањето – монтажноста и мобилноста на галеријата не треба да биде само техничка определба на галеријата, техничка одлука за физичко ограничување, туку напротив, силен политички став, политичка одлука како олицетворение на автономен и независен простор од механизмот на одлучување по принцип на доминантни позиции на моќ коишто дефинираат (само) еден одреден вкус како доминанта во градењето на системот на културните вредности.
Монтажната галерија не е само метафора за демократски јавен простор којшто треба да припаѓа на сите, туку и физички простор којшто ги мултиплцира взаемните односи и различности коишто треба да ја зацврстуваат демократијата во општеството.
Простор што неминовно ја потврдува таа ’68- ка досадна мантра на нашите (идеолошки) татковци…дека одново треба да бидеме реални…и да го бараме невозможното, само девет животи подоцна, уствари, скоро двеста (ко ќе се соберат сите на куп)… толку му иди!