Флотила од десетици бродови натоварени со хуманитарна помош за Газа синоќа исплови од пристаништето во Барселона, откако се подобрија временските услови.
„Флотилата Глобал Сумуд“ мораше да се врати во Барселона поради лоши временски услови откако тргна од Барселона кон Газа на 31 август 2025 година, во хуманитарен напор за поддршка на палестинскиот народ. Иницијативата вклучува групи од 44 земји со 20 бродови.
Некои од бродовите на Глобалната мисија на флотилата „Сумуд“ засвирија сирени додека го напуштаа пристаништето. „Слободна, слободна Палестина“, извикуваа активисти собрани на пристаништето.
Меѓу учесниците во оваа пропалестинска акција се наоѓаат климатската активистка Грета Тунберг и актерот од серијата „Игра на тронови“, Лиам Канингем.
Флотилата има за цел да ја пробие израелската поморска блокада и да достави храна и неопходни хуманитарни материјали во енклавата, која е разурната од речиси двегодишната војна.