Александар Диневски, еден од обвинетите во случајот „Шпион“ денеска со полициска придружба бил спроведен во затворот „Идризво“, каде што треба да одлежи четири ипол годишна затворска казна – објави „Фокус“.
– На 17.11.2017 год лицето Александар Диневски е приведен од страна на инспeктор од Потраги во Полициска станица Аеродром по наредба на ОСС 1 за издржување на казна затвор од 3 години и 6 месеци по чл. 394 став 2 злосторничко здружување и член 317 став 2 оддавање на државна тајна , член 316 став 3 шпионажа. Истиот во 13:30 часот е спроведен во КПУ Идризово на издржување казна затвор – информираат од МВР.
Диневски неколку месеци беше на слобода, бидејќи излезе од затвор додека се чекаше одлуката на Апелација за овој случај. Откако Апелација делумно ја потврди првостепената пресуда, односно за неколку месеци беа намалени дел од казните на обвинетите се очекуваше дека ќе бидат вратени во затвор за да ја издржат казната што им преостана.
Откако веста се прошири во јавноста дека Диневски е однесен во затвор, на социјалните мрежи граѓаните апелираат тој да биде ослободен бидејќи алармираат дека неговата нарушена здравствена состојба уште повеќе ќе се влоши поради лошите услови во затворот.
Нова ТВ дознава дека на наредна седница на Влада ќе биде усвоен законот за амнестија што го опфаќа и Диневски.

