Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска попладне ќе допатува во посета на Скопје, при што меѓудругото со лидерите на земјава ќе разговара и за спорот со Бугарија.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, од Европската Комисија не сакаат да откријат во кој правец ќе се движат разговорите во Скопје, ниту дали ќе има пораки до Бугарија во врска со блокираниот ЕУ-процес за Северна Македонија, а повеќе детали за разговорите ќе бидат соопштени по средбата. Засега единствена порака што ја пренесуваат службите на Фон дер Лајен е дека „ЕУ држи до регионот“.
– Таа (Фон дер Лајен) ќе се сретне со лидерите и ќе разговара за билатералните односи со ЕУ и регионалните прашања, перспективата за преговори за членство на Северна Македонија е дел од пошироката дискусија. Целта на претседателката е да ја потврди нејзината посветеност кон регионот и перспективата за преговори за членство во ЕУ со овие земји кога времето и условите ќе бидат добри и преговорите ќе бидат завршени, рече Дана Спинант, портпаролката на Европската Комисија.
Фон дер Лајен ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата, по што ќе одржат средба на која ќе присуствуваат и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Заев и Фон дер Лајен ќе одржат заедничка прес-конференција во кино Фросина во МКЦ, кој е реновиран со средства од ЕУ.
Подоцна, Фон дер Лајен ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, а ќе присуствува и на вечерата што ќе ја приреди шефот на државата во присуство на претседателот на Собранието, Талат Џафери и други високи претставници.
Скопје е втора станица на Фон дер Лајен на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, чија цел е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот. Од 28 до 30 септември таа ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан, почнувајќи од Албанија.
Посетата на регионот на шефицата на ЕК се случува една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“, туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.
Еден ден по Фон дер Лајен, утре во Скопје ќе допатува и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој минатата недела беше во Бугарија каде разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ. Како што јави дописничката на МИА од Брисел, информацијата за посетата на Вархеји ја потврдија службите на Европската Комисија. Програмата на посетата сѐ уште се финализира, но извесно е дека тој ќе се сретне со премиерот Зоран Заев.
Во меѓувреме, се зголемува притисокот на САД врз Бугарија, барајќи од неа да се откаже од ветото за интеграција на Северна Македонија во ЕУ и брзо да ја одобри преговарачката рамка за членство на Скопје во Унијата. Американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар минатата недела за Радио Слободна Европа изјави дека треба што побрзо да се најде компромис на билатералното прашање меѓу Софија и Скопје, и да се деблокира евроинтеграцијата на Северна Македонија.
– Погрешно е Бугарија да користи билатерален спор за да ги запре аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Тие го претвораат ова во мултилатерално прашање што не засега сите нас, вели Ескобар.
Според него, дадени се некои „добри решенија“ за решавање на прашањето и Вашингтон ќе продолжи да ја притиска Софија да се најде компромис. Ескобар, исто така, вели дека дека би сакал пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија да почнат оваа година, додавајќи дека двете земји го заслужија тоа.
И американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз минатиот петок потврди дека САД ќе се вклучат во ова прашање и во разговорите затоа што сметаат дека Северна Македонија треба да го заземе заслуженото место во Европа и во ЕУ и се надеваат дека тоа ќе се случи бргу.