Четири лица се приведени за време на денешните протести пред Собранието против модифицираниот француски предлог за почеток на пристапните преговори на Македонија за членство во Европската унија (ЕУ), потврди Министерството за внатрешни работи (МВР).
Еден час по почетокот на протестот, дел од демонстрантите меѓу двете заштитни огради пред Собранието почнаа да фрлаат со јајца и ролни тоалетна хартија. По трошење на „арсеналот“, продолжија со пеење на патриотски песни и скандирања против преговарачката рамка.
По фрлањето со јајца кон Собранието, следуваше перформанс на членови или симпатизери на Левица во кој неколку лица правеа отпечатоци на асфалтот со црвена боја на рацете за праќање на симболична порака дека „рацете им крварат“.
Моментно пред Собранието е мирно. Дел од демонстрантите се разотидоа, дел, пак, се повлекоа во сенките во паркот Жена борец во обид да се засолнат од силното сонце на кое беа изложени повеќе од два часа додека во законодавниот дом се одржува 80-та седница на која се расправа по Информацијата на владата за предлог преговарачката рамка.
Моментите на директно аудио вклучување во собраниската сала преку разглас наидуваа на свирежи и извици „уа“, особено кога се спомена името на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Протестот денеска почна порано од вообичаеното, поради собраниската седница на која ќе се расправа по Информацијата од Владата за предлог преговарачката рамка на француското претседателство. Пред пратениците е најавено обраќање и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Атмосферата меѓу учесниците на протестот беше мирна досега. Се пееја патриотски песни, се интонираше и пееше македонската химна, на моменти се создаваше бучна атмосфера со употреба на свирчиња и труби, се скандира „оставка, оставка“, „никогаш Северна, само Македонија“, „Македонија, Македонија“.
Улицата „11 Октомври“ пред Собранието е затворена за сообраќај, како и улицата „Даме Груев“ што ја сече кај Градската општа болница.
Силно полициско обезбедување е присутно во строгиот центар на градот и на неколку точки вдолж улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Полициски екипи се распоредени кај дирекцијата на Макпетрол, кај зградата на Автомакедонија, спроти Музејот на Град Скопје, спроти Рамстор и особено кај зградата во која е сместена Делегацијата на Европската унија во Скопје.
Сашко Димовски