Познатиот кардиолог Доктор Сашко Кедев се искачи на врвот Г2 (Гашербрум 2), во Пакистан, висок 8.035 метри, објави Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ).
За првпат во историјата македонско знаме на G2 (Gasherbrum II), Пакистан, 8.035 м. На 22 јули 2024 година, во 13:28 часот по локално време, проф. д-р Сашко Кедев го искачи тринаесеттиот по височина врв на светот, велат од Федерацијата.
Ова е 11-от врв на Хималаите од вкупно 14 што се високи над 8.000 метри кој влегува во подвизите на д-р Кедев.
Покрај Г2, д-р Кедев досега се искачи на Макалу (8.485 м) тој ги има искачено и Монт Еверест (8.848), Нанга Парбат (8.126), Анапурна (8.091), Чо Оју (8.188), Броуд Пик или Широк Врв (8.051), К2 (8.611), Даулагири (8.167), Манаслу (8.163) и Лоце (8.516).
За да се комплетира „мисијата“ 14 врвови, преостануваат уште Гашербрум 1 (8.068), Канченџунга (8.586) и Сишапангма (8.027).