Францускиот премиер Жан Кастекс најави дека ќе ги „блокира цените на гасот“ до април со помош на „тарифниот штит“, јави дописникот на МИА од Париз.
– Мораме да управуваме со исклучителниот „скок“ на цените на гасот оваа зима. Овој ценовен „удар“ се очекува да исчезне на пролет, рече Кастекс.
Регулираните цени на гасот денеска ќе пораснат за 12,8 отсто – „последно покачување“, вети Кастекс, откако пораснаа за 25 отсто летово под притисок на светските пазари.
Во средината на септември, шефот на Владата објави исплата од 100 евра во декември за 5,8 милиони корисници на енергетски чек. Сепак, без „тарифниот штит“, трите милиони Французи што се претплатија на регулираната тарифа за гас, би имале повисока сметка за уште 30 отсто до крајот на годината.
Владата прецизира дека има право да ги замрзне цените на овој начин. Законот го дозволува тоа „во случај на исклучително зголемување на цените на нафтените производи или пазарните цени на природниот гас“. Но, потоа следува приспособување, кое може да се организира во текот на 12, па дури и 18 месеци. Според тоа, Французите би можеле да плаќаат според „тарифниот штит“ до следната зима, преку пониски тарифи отколку во вообичаеното време. И ако цените на бензинот не паднат доволно за да ги апсорбираат трошоците за израмнување, Владата ќе ги намали даноците за да не бидат казнети Французите.
Цената на електричната енергија се очекуваше да порасне за околу 12 отсто во февруари. „Ние ќе го спречиме тоа“, предупреди Жан Кастекс, кој најави намалување на данокот што ќе го ограничи зголемувањето на четири отсто. Мерката ќе чини четири милијарди евра.
Ова зголемување е последица на функционирањето на европскиот пазар на енергија, што ја индексира цената на електричната енергија на онаа на гасот.
Бруно Ле Мер во четвртокот објави дека ќе бара реформа на пазарот на електрична енергија на состанокот на министрите за финансии на еврозоната на 4 октомври.
Во меѓувреме, опозициите вршат притисок. „Енергетскиот чек не се однесува и на горивата“, предупреди шефот на пратениците од Социјалистичката партија, Валери Рабо. Таа очекува од државата „сигнал“ за 8,5 милиони Французи со скромни плати, принудени да го земат својот автомобил поради недостиг на јавен превоз.
Жулиен Оберт од партијата на Републиканците ја повика Владата да се послужи со алатката за намалување на ДДВ на горивото.
Жан Кастекс одговари дека е подготвен да го ревалоризира енергетскиот чек во случај на дополнително зголемување на цената на бензинот и дизелот.