Голем пожар избувна во складиште за нафта во рускиот град Бријанск, пренесоа руските агенции, повикувајќи се на Министерството за вонредни ситуации.
„Во 2 часот на 25 април 2022 година, оперативната дежурна смена на Главната дирекција на Министерството за вонредни ситуации на Русија за регионот Бријанск доби информација за пожар на адреса во округот Фокински. На местото на повикот се испратени противпожарни и спасувачки екипи согласно обемот на пожарот. По пристигнувањето било констатирано дека има пожар во дело на складиштето за нафта“, се вели во објавата на веб-страницата на Министерството.
Засега нема индиции дека пожарот е поврзан со војната во Украина. Станува збор за исклучително важен нафтовод што ја транспортира руската нафта во Европа.
Бријанск е град кој се наоѓа на околу 150 километри североисточно од украинската граница. Од Москва е оддалечен 380 километри.