Здравство и социјала како милостина“ е фељтон на новинарката Менче Атанасова Точи кој НОВА, го објавува во продолженија, а е дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ. Тоа се сведоштва кои говорат за едно време-невреме кое во колективната меморија ќе остане запаметено како темно, кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ , a ќе го паметиме како „загубено време“
Пишува: Менче Атанасова Точи
Недостигот на специјалисти резултираше и со смрт на родилки
Во годините што следуваа зачестија смртните случаи на родилки. Низ родилиштата во државата умираа млади, здрави жени во моментот кога требаше да станат мајки. Причината речиси во сите случаи беше искрвавување или сепса. Семејствата бараа одговори што се случува, бараа и одговорност.
Во 2010 година, кога за три месеци починаа седум родилки, инспектори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и членовите на посебната комисија на Министерството за здравство почнаа инспекциски надзор во 32-те родилишта низ државата. Тие ги проверуваа условите во кои работат гинеколошко-акушерските одделенија. Министерството одлучи да воведе вонредни мерки, а како дел од нив го затвори и прилепското родилиште во кое починаа две родилки за само десет дена.
Тогашниот министер за здравство, Бујар Османи, по толку многу смртни случаи излезе со скандалозна изјава: „Сега кога ги видовме условите, ќе преземеме мерки“, рече Османи на 6.3.2010 година. Но, медиумите и понатаму беа преплавени со информации за нови случаи.
Во октомври 2015 година јавноста беше потресена од смртта на 32-годишната Маја Кадиева од Дојран која почина заедно со нејзиното бебе при породување со царски рез во болницата во Гевгелија. Обдукцијата покажа дека младата жена била задушена со тубусот кога ѝ била давана анестезија, а бебето починало поради немање воздух. Истрагата покажа дека анестезиолозите во операционата сала дошле во алкохолизирана состојба. Во декември 2018 година анестезиологот беше осуден на 4 години затвор и забрана за вршење на дејност, а двајцата гинеколози беа ослободени од обвинение.
Овој случај ги исфрли на површина сите недостатоци на здравствениот систем во државата. Се покажа дека гевгелиската болница одамна не го заслужува статусот да биде болница, ниту по условите во неа, а најмногу поради немањето кадар.
Болницата повеќе од две години немала гинеколог бидејќи единствениот си дал отказ поради мобинг и психички притисок што со години го трпел од директорот и се вработил во болницата во Струмица. Оттогаш гевгелиската болница хонорарно го ангажирала истиот гинеколог и уште еден, кои доаѓале од Струмица за да интервенираат во Гевгелија.
Згора на сè, целиот тој регион го опслужувале само двајца анестезиолози (едниот почина по смртта на родилката). Во градот нема педијатар; единствениот кој е пред пензија има приватна ординација и во болницата го викале по потреба. На детското одделение немало вработена медицинска сестра, туку само негувателка поради што биле позајмувани медицински сестри од другите одделенија.
Децениското стопирање на државните специјализации доведе до тоа да нема лекари специјалисти секаде низ земјава. Недостасуваат гинеколози, анестезиолози, педијатри и лекари од други специјалности. Се затворија повеќето родилишта во малите места каде што состојбата беше критична; трудниците за породување патуваат до најблискиот град.
За да се ублажи состојбата во последните години специјалисти од Скопје, најчесто гинеколози и анестезиолози, почнаа да се испраќаат во другите градови, каде што ротираат. Ваквите мерки најверојатно ќе ги има додека не завршат специјализациите на идните специјалисти. Целата таа состојба е една од главните причини за многу пропусти, лекарски грешки и смртни случаи на родилки во здравството.
Македонија на врвот на листата по смртност на новороденчиња во Европа
Една од најстрашните работи што може да ѝ се случи на една држава е смрт на штотуку родени бебиња. Причината за ваквата состојба гинеколозите ја гледаат во лошата здравствена политика, недостигот на гинеколози во државата и немањето финансиски средства за да се реализираат програмите наменети за жените во текот на бременоста. Приматот на земја со најголема смртност во Европа Македонија го имаше речиси цела деценија.
Само за пример, во 2015 година, според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на смртност на новороденчиња до седмиот ден изнесува 14,3 и е највисока од сите земји на ЕУ, односно тројно повисока од европскиот просек, кој изнесува 5,2. Поразително е што во периодот на имплементација на Стратегијата на безбедно мајчинство од 2010 година, смртноста на доенчињата се зголемува од 7,5 во 2011 на 9,9 во 2014 година. Најголемо зголемување на смртноста на доенчињата во периодот од 2010 до 2015 година имало во 2012 година, кога само за една година бројот на починати доенчиња се зголемува за 25,2 проценти во споредба со претходната година, а бројот на живо родени се зголемил само за 3,4 проценти.
Како причина за ваквата катастрофална состојба од Платформата за родова еднаквост го наведоа недостигот на матични гинеколози во внатрешноста и немањето родилишта во помалите места, како и незаконската наплата на прегледите од страна на матичните гинеколози. Најдрастичен пример е Општина Шуто Оризари каде што жените цели 10 години немаа матичен гинеколог. Надвор од Општината, пак, гинеколозите им наплаќаат незаконски за ПАП-тестови, ЕХО и прегледи, иако се бесплатни.
Незаконската наплата на гинеколозите се смета за една од причините што жените од социјално ранливите категории не посетуваат гинеколог, особено во бременоста. Овој проблем го препозна Комитетот за човекови права при ОН и ја праша државата како мисли да се справи со овој проблем, особено во делот на сиромашните и маргинализираните групи. Тодоров одговори дека, и покрај казните од страна на Фондот, не може да изнајде решение за овој проблем.
Подоцна, со смената на власта во 2017 година, излезе на виделина и хоророт кој се случувал на Клиниката за гинекологија, кој го обелодени Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Недоволниот број на респиратори за дишење, на инкубатори, во кои биле сместувани по две новороденчиња, немањето простор за интензивна нега, болничките инфекции, лошите услови, нарушените меѓучовечки односи меѓу лекарите беа наведени како дел од причините за зголемената смртност на новороденчиња во оваа установа.
„Да се прочешла сè и да ни препорачаат што треба да правиме. Предвидено е од 3.500 до 4.000 раѓања, а ние имаме по 6.000 годишно. Има интерхоспитални инфекции, а тоа се предвреме родени деца, немаат имунитет, сè тоа влијае. Имаме само 10 респиратори, нема место за инкубатори. Ние немаме кадар, луѓето се изморени, немаме инструментарки, немаме анестезиолози, ги увезуваме од КАРИЛ, немаме педијатри“, изјави Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија во октомври 2017 година.
Кога Универзитетската клиника за гинекологија ги отвори вратите за јавноста, се виде дека посебно критично е на одделот за интензивна нега каде што, поради малиот број на респиратори, лекарите биле принудени да избираат кое бебе предвреме ќе го исклучат од апарат. Недостасуваа и инкубатори, како и простор во којшто ќе бидат сместени. Нарушените односи меѓу лекарите, притисоците и стравот од претходната власт да се кажат проблемите го уништиле и овој важен сегмент од здравството.
Со цел да се намали смртноста на новороденчињата, една година подоцна, односно во 2018 година, на ГАК започна обука на мултидисциплинарни тимови од гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки за ефективна перинатална грижа на здравствени работници согласно најновите протоколи и стандарди на Светската здравствена организација, во партнерството со Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА.
Беа набавени нови 24 инкубатори, дел за Клиниката за гинекологија, дел за болниците во неколку други градови. Тогаш започна мало, но видливо намалување на процентот на смртност на новороденчиња.
Во 2018 година, според Еуростат, државата беше на второ место по смртност на новороденчиња, што e висок процент, но според гинеколозите, потребно e време за да се стабилизира состојбата. Според податоците на ГАК, во 2017 година бројот на починати предвреме родени новороденчиња изнесувал 167 од вкупно 781 родени или 21 % од третираните на одделението за интензивна нега, а во 2018 година за истиот период од 10 месеци починале вкупно 96 од 595 или 16 % од третираните.
Од ГАК потенцираат дека станува збор за смртност кај предвреме починати кои се исклучително недоносени и високоризични новороденчиња и побараа при водењето на евиденција смртноста да се заведува од 25-тата гестациска недела бидејќи помалите бебиња тешко преживуваат.
Трендот на намалување на смртноста кај новороденчињата продолжува и, пред сè, се должи на неколку фактори: обновување и осовременување на апаратурата за работа, кадровски е зајакнат и доекипиран одделот, каде што веќе работат нови сестри и лекари кои позитивно влијаат врз квалитетот на работата на одделот. Имплементирани се осовременети и нови протоколи за работа, а засилено е и придржувањето кон нив, при што акцент е ставен на помалку инвазивен пристап секаде каде што тоа е можно, согласно светските трендови.
Следува: Штрајкот на лекарите од Клинички центар