Црногорскиот виртуоз на гитара Горан Кривокапиќ вечерва ќе одржи концерт заедно со Македонската филхармонија и ќе ја изведе „Фантазија за еден џентлмен“ од Хоакин Родриго.
Концертот за гитара и оркестар на Родриго премиерно ќе биде изведен во Македонија, а ќе го води диригентот Саша Николовски-Ѓумар.
Кривокапиќ е еден од најуспешните гитаристи од помладата генерација, победник на бројни меѓународни натпревари и ексклузивец на дискографската куќа „Наксос“.
На концертот, кој го одбележуваат три македонски премиери, ќе прозвучат и оркестарска свита „Шпанија“ од Исак Албениц оркестирана од Рафаел Фрубек де Бургос, како и исклучително енергичниот и добро познат „Данцон“ бр.2 од Артуро Маркез кој на македонскиот концертен подиум ќе ги донесе жешките латино ритми проткаени низ оркестарот.