Копретседателот од македонска страна во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев вечерва изјави дека не чувствува преголем притисок од потпишаниот Протокол со Бугарија, истакнувајќи дека роковите ги поставуваат политичарите, додека Комисијата има своја рутина, правила и свои принципи.
„Протоколот за Комисијата нема некое, би рекол, преголемо значење, бидејќи Комисијата и досега работеше оптимално, онака како што членовите на Комисијата сметаа дека треба да работиме. Протоколот е еден политички документ меѓу двете влади, македонската и бугарската, за тоа како гледаат на подобрување на меѓусебните односи. И нашата Комисија е еден сегмент во тие односи, комисија која функционира веќе четири години и функционира според еден свој ритам“, рече Ѓоргиев вечерва за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Тој истакна дека Комисијата си има своја рутина и оти нејзина работа е да се придржува до принципите како и досега, а тоа се академските научни принципи и почитувањето меѓу себе.
Во однос на тоа дека Протоколот доаѓа во контекст меѓу двете држави, каде сега се ставени поголеми очекувања, рокови, Ѓоргиев рече дека можеби сега влогот е поголем и условите се поразлични.
„Контекстот е поразличен, во право сте. Можеби влогот е поголем сега, условите се поразлични. Протоколот создаде една поларизација во македонското општество и сето тоа ја прави положбата на Комисијата поинаква. Многу почувствителна, многу под многу поголем фокус, лупа на јавноста ќе биде работата на Комисијата, но ако се сеќавате го спомнавте првиот протокол и во тој протокол дури со многу потешка реторика, позаповедничка реторика од некои политичари беше кажано бугарски политичари до тогаш да се заврши тоа, до тогаш да се заврши тоа. Ќе повторам, тоа е логиката на политиката“, оцени Ѓоргиев.
Според него, политичарите секогаш ќе ги поставуваат тие рокови, меѓутоа, рече, Комисија си има своја рутина, има свои правила на работа, има свои принципи на работа и не секогаш тие принципи се совпаѓаат со принципите идеите на политичарите.
„Политичарите работат по една логика, ние, би рекол, научниците работиме според друга логика и таа е примерна за нас. Ние апсолутно сме одговорни. Имаме одговорност пред јавноста, пред тој политички контекст во кои работиме, секако, но повторно примарно за нас е нашиот академски интегритет и условите кои ни дозволуваат до каде може да одиме со тоа, а не она што ќе биде наметнато од страна на политиката“, истакна Ѓоргиев.