Есма и Лозано ја снимија новата евровизиска песна, наместо повлечената “Империја”. Песната е во брз и модерен ритам која што се уште нема наслов, се доработува, се снимаат придружни вокали и в среда вечер би требало да биде пуштена во етер.
Музиката и аранжманот се на Дарко Димитров и Лазар Цветковски, а делот на Есма го подготвува Симеон Атанасов. За текстот, покрај Елена Ристеска е ангажирана и Магдалена Цветковска- Ена. Придружен вокал на Есма е Елеонора Мустафовска, вокалот на “Есма’с бенд”.
МТВ информира дека за нејзина промоција нема да се прави специјална емисија, туку ќе биде промовирана во некоја од емисиите, а можно е и во централниот дневник. Новиот видео-запис се уште не е снимен.
Песната “Империја” и спотот, изработен од продукцијата “Егзит Б”, беа јавно промовирани на 27 февруари. Јавноста жестоко се спртивстави на песната “Империја”, особено на спотот во кој беше промовиран проектот “Скопје 2014″.