Истрагата за издавањето македонски патни исправи со лажен идентитет е многу сериозна работа, која има потенцијал да прерасне во голем, меѓународен безбедносен и политички скандал. Што мисли за неа, го прашавме поранешен началник на Аналитика во Министерството за внатрешни работи, Гроздан Цветковски, кој подоцна беше и советник во Агенцијата за разузнавање, како и наш дипломат во Софија.
При обелоденувањето на аферата со издавањето пасоши со лажен идентитет, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека злоупотребата на службената должност ја направиле КОНТРОЛОРИ во тој оддел. За луѓе кои не се целосно упатени во систематизација и организациската структура на МВР, може ли да ни кажете на кое хиерарархиско ниво се тие контролори. Началници, под началници, над началници, или уште повисоко? Или пак, се релативно обични службеници? Ако се обични службеници, дали тоа значи дека и некој на пониска позиција во МВР може да издава нерегуларни пасоши? Дали таква работа можат да направат поединци, или треба да е поголема мрежа од луѓе, или мора да биде вклучен некој на повисоко место од, да речеме, КОНТРОЛОРИТЕ?
Работата не е црно-бела, туку мошне компликувана. Прво, секој македонски државјанин кој нема судска забрана, може да поднесе барање и да добие пасош. Тоа е управна постапка. Второ, контролор е началникот на Одделот за управна постапка, и објективно тој може да спореди дали се исполнети законските услови на барателот. Трето, сите пасоши се изработуваат во Скопје, што значи дека постапката е централизирана. Четврто, постојат случаи кога има оперативен интерес да се издаде пасош на туѓо име, како на пример за контролирани пратки на дрога , уфрлување прикриен агент во меѓународна група, пресекување на канали и слично. Меѓутоа, тоа се прави кога во операцијата се вклучени повеќе држави и нивни тајни истражни служби, како Интерпол, Европол, ДЕА, ФБИ, ЦИА… Операциите се изведуваат координирано и синхринизирано. Најопасно е ако таа, жаргонски кажано – се провали. Такви случаи имало повеќе. Најпознат е оној со оперативната акција „Поликолор“, која требаше да заврши во Солун, но македонската служба свесно ја прекина, поради свој лукративен интерес. Или последната акција „Планина“, во Грчец и Гази Баба. Затоа, мора да се биде многу внимателен, бидејќи вакви операции можат да траат со години. Конечно, убеден сум дека разврска нема да има ако истрагата ја водат МВР и Обвинителството. Тие се премногу корумпирани и не соработуваат на професионално ниво. Истрагата мора да ја водат странци, доколку се сака вистинска разврска.
Значи, Вие мислите дека ова не е случајно, ниту е смислено од службеници на пониско ниво, туку од некои „покрупни риби“, и затоа истрагата што се води сега нема да даде резултат? Но, што ќе каже министерот Спасовски тогаш? Сега се уапсени осум вработени. Верувате дека ова ќе заврши без обвинение? Или со „тенко“ обвинение, кое подоцна ќе падне на суд?
Мислам, без прејудицирање, дека свиркачот им направи лоша услуга на тие што го обелоденија скандалот, доведувајќи ги да паднат во стапица. Имено, почетна точка на истрагата треба да биде: во кој период лицата од Мала Преспа, Голо Брдо итн, добиле македонско државјанство, и кој имал увид во тој список, за да може со сигурност да издава пасоши на име на тие лица. Тоа може лесно да се утврди, доколку се сака. Меѓутоа, политичката заднина на ова е борбата за власт меѓу двете најголеми партии, во која не се избираат средства. Тоа е поентата на овој скандал, кој ќе нанесе огромни штети.

