Угостителските објекти, кафулињата и ноќните клубови во Грција, од утре ќе работат до полноќ, без музика, со забрането стоење и со најмногу шест лица на маса, додека пак за новогодишната ноќ, единствена разлика е продолженото работно време до два часот по полноќ, јави дописничката на МИА од Атина.
Поради рекордниот број новозаразени, новите мерки соопштени минатата седмица, наместо во понеделник на 3 јануари, стапуваат во сила утре наутро, четири дена порано.
Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис соопшти дека угостителските објекти и сите простори за забава, ќе затвораат на полноќ, забранета ќе биде и музиката, но и стоењето, а на една маса ќе може да седат до шест лица.
Објасни дека единствено отстапка има за 31 декември, кога работното време ќе биде до два часот по полноќ, но ќе важат истите мерки, односно дочекот на Новата година ќе биде без музика и само со седење.