„Се разбира дека сме песимисти и не очекуваме значаен пресврт во текот на ова судење…“, вака коментираа некои од присутните адвокати на тужениот во неформален разговор на паузата од денешното рочиште од судењето за тужбата за клевета која што премиерот Никола Груевски ја покрена против лидерот на опозицијата Зоран Заев за случајот „Македонска банка“.
Хронологија од судницата
Денешното рочиште помина во знакот на сведочењето на контроверзниот бизнисмен Јовица Стефановиќ-Нини познат како Газда Нини. Тој застана да сведочи пред Судот во 11 часот утрово или точно два часа од отпочнувањето на судењето.
Толку време адвокатите на Груевски и Заев се препираа околу барањето на тужениот да се повлече сведокот. Адвокатите на тужениот опозициски лидер побараа од судијката Весна Калковска Газда Нини да биде тргнат од листата на сведоци бидејќи, според нив, неговото сведоштов би било нерелевантно со оглед на тоа дека судијката Калковска веќе им ги отфрлила другите докази. Отфрлена како доказ беше аудио-снимката од наводната продажба на Македонска банка на која според лидерот на опозицијата се договарала продажба на акции помеѓу Никола Груевски, Газда Нини и Ден Дончев, а за судијката не дозволи ниту Дончев да се појави како сведок.
Тужените тврдеа дека без снимката и Дончев сведочењето на Нини ќе нема смисла, а правно своето барање го базираа на Законот за парничка постапка образложувајќи дека со самото тоа што Нини е сведок на тужените, тие имаат право и да побараат негово повлекување. Адвокатот на Никола Груевски, пак, бараше сведокот да биде сослушан и тој, како и одбраната, правно ги образложуваше своите погледи.
Адвокатот Никола Додовски, кој е и претседател на адвокатската комора рече дека со самото тоа што одбраната не се противела на барањето на тужените Нини да биде сведок, тоа значи дека тој може да се смета и за заеднички сведок.
Судијката Весна Калковска не го прифати барањето на тужените и реши да го повика Газда Нини во судницата. Таа не ја образложи оваа одлука туку рече дека тоа ќе го стори во пресудата.
По два часа чекање на конечна одлука пред вратата на судницата, во судот влезе Јовица Стефановиќ – Нини. Се претстави и почна со својот исказ во кој што кусо кажа следното:
„Не ги познавам ниту Груевски ниту Заев и никогаш се немам слушнато со ниту еден од нив. Премиерот го знам како и сите други, но ниту го познавам лично, ниту сум зборувал со него некогаш во животот“.
По ова, судијаката Калковска рече:
„Е сега не знам што да ве прашам, ако велите дека не ги познавате се друго е сувишно да ве прашувам“, констатираше Калковска, но сведокот продолжи самиот да зборува.
„Конкретно не сум имал разговор со тужителот за Македонска банка, акциите се купени на берза и секој може да купи акции, продавачот и купувачот не се знаа. Јас и денеска не знам кои биле продавачите на тие акции.
По ова, адвокатот на тужителот праша дали тој некогаш со било кого договарал поткуп. Газда Нини одговори дека тој никогаш никому не му дал поткуп вклучително и на премиерот Груевски.
Адвокатите на тужената страна единствено прашаа дали тој го познава Ден Дончев, на што Нини кусо одговори „не“. Судијката на крајот праша дали некогаш чул за аферата „Македонска банка“, на што Нини одговори дека тој не следи вести, а за случајот кој што го отвори опозицијата разбрал од вработените во неговата фирма.
Која е судијката Весна Калковска
Кон песимизмот на тужените се надоврзуваат и други пресуди против новинари и опозициски политичари од блиското минато во кои што како тужители се јавувале функционери од власта.
Кога станува збор за премиерот Никола Груевски, од него на суд веќе загуби Тито Петковски од НСДП. Петковски беше осуден за клевета експресно во едно рочиште, а судија беше Нухи Рустеми. Она по што овој случај ќе се памети во јавноста беше сведочењето на премиерот Никола Груевски кога судијата Рустеми речиси и не и дозволи на одбраната да му поставува прашања на премиерот. Тој им одби десетици прашања, дури и кога премиерот сакаше да одговори. Петковски беше осуден со казна од 10.000 евра.
Казната, пак, за портпаролот на СДСМ Петре Шилегов беше 500.000 денари. Неговата пресуда ја изрече судијката во чија што судница сега се одвива спорот помеѓу Груевски и Заев. Весна Калковска оцени дека Шилегов треба да и плати на Гордана Јанкуловска за нарушување на честа и угледот за прес-конференциите одржани за нејзината имотна состојба.
Шилегов предходно презентираше документи според кои Јанкуловска за становите вредни 200 илјади евра, подигнала кредит од Шпаркасе банка во вредност од 90 илјади евра во јануари 2012 година, а само за година и 9 месеци вратила 75 илјади евра со две административни плати.
Шилегов подоцна изјави дека за него пресудата била очекувана и дека неговите писмени докази не биле земени во предвид. Гордана Јанкуловска не се појави во судницата.
Весна Калковска беше судија и во маратонскиот спор во кој што тужен за клевета и нарушување на честа и угледот беше зетот на Бојо Андревски и директор на весникот „Вечер“ Бобан Богдановски – Андревски кого повеќе јавни личности го тужеа поради текст објавен во весникот во Декември 2009 година со наслов „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“ во кој што помеѓу другото пишуваше:
„Во Македонија се плаќаат новинари за ширење на пропаганда со која би се помогнало прифаќање на грчките предлози за промена на името на земјата… Двата кратера се платени за да помине грчкиот предлог за рушење на македонизмот. Еден од кратерите е организиран од Фондацијата Сорос. Оваа фондација плаќа од нив одбрани новинари како Никола Гелевски, Бранко Геровски, Владимир Милчин, Ивица Антевски, Маја Бојаџиевска, Џабир Дерала, Лидија Димова, Гордана Дувњак, Ѓунер Исмаил, Жарко Јордановски, Ема Маркоска Милчин, Ида Протуѓер, Ерол Ризаов, Билјана Секуловска…“ И двата кратери имаат една цел – притисок врз македонската Влада да се постигне договор со Грција, по секоја цена. Новинарите од двата кратери вршеа притисок за одреден хонорар, односно големи пари…“
Откако посочените личности во анонимниот текст го тужеа весникот, главниот уредник Драган Павловиќ-Латас се правдаше дека тој бил на пат кога бил напишан спорниот текст и не знаел за него. Директорот Бобан Богдановски – Андревски пред судот прво изјави дека автори на текстот се лично тој и новинарката Билјана Зафировска. Подоцна Андревски го смени исказот и кажа дека автор е само новинарката, додека таа негираше дека го напишала спорниот текст.
Случајот доби разврска дури кон крајот на Мај годинава, кога судијката Калковска одлучи да ја отфрли тужбата поради „непостоење на автор на текстот“. За ваквиот преседан во колумна се огласи и новинарот Ерол Ризаов, еден од споменатите во спорниот текст кој напиша:
„Кога некој ќе ве наклевети јавно преку медиумите дека сте грчки платеник за едно од најчувствителните прашања во Македонија, името на државата, и кога тоа трае со години целиот ваш труд, углед, работа и достигнувања се згазени. Кога, пак, судот тоа ќе го потврди на еден скандалозен начин дека не се знае кој е автор на оваа тешка клевета и дека со таквата пресуда таа и натаму има право на граѓанство и слободен пристап до јавноста, тогаш судијката Весна Калковска грубо згазна врз правдата и врз угледот и честа на луѓето кои цели пет години чекаа да победи правдата и да се симне срамот од нивниот образ, да се симне анатемата од нивното творештво и работа. Судот направи поголема неправда отколку клеветниците со бавното судење и со срамната пресуда. Нека Ви служи на чест г-ѓо Калковска. Ќе има со што да се гордеат вашите потомци“, напиша Ризаов.