Њујорк: Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги осуди руските напади врз неколку градови во Украина во кои загинаа најмалку 33 лица, вклучително и напади врз болниците, и ги нарече „особено шокантни“.
– Извршувањето напади врз цивили е забрането со меѓународното право, а тој тип на напади е неприфатлив и треба веднаш да се прекине, се вели во денешното соопштение на портпаролот на првиот човек на ОН.
Тој конкретно ги именуваше погодените медицински центри, вклучително и важна детска болница.
Во голем руски ракетен напад ширум Украина денеска загинаа најмалку 33 лица, а 154 се повредени, соопштија официјални лица, при што еден проектил погодил голема детска болница во главниот град Киев.
Украинските безбедносни служби соопштија дека болницата била директно погодена од руска крстосувачка ракета, додека руската војска, пак, соопшти дека штетата е предизвикана од пад на украинска против воздушна ракета.