Замислете да живеете во средина во која нема кој да го собере вашето ѓубре, ниту пак кој да го складира. Ова е реалноста од 21 век во 700 населени места во југоисточна Македонија. НОВА разговара со одговорните за да дознае зошто пропаѓаат преговорите со можниот австриски концесионер, но и ви носи репортажа од планините ѓубре низ струмичките села – за некого опасност по здравје, за други извор на егзистенција
Регионалната депонија во југоисточна Македонија, инвестиција вредна 25 милиони евра, која за многумина ќе ставеше крај на загадувањето од цврст отпад во овој дел од земјата е во прекин. Преговорите со австриската компанија„АСА“ застанаа во делот на утврдување на цената за домаќинство. Уште во 2009 општините од регионот одлучија дека собирањето на комуналниот цврст отпад треба да оди по пат на издавање концесија за јавно приватно партнерство. Здружени, општините пристапија кон овој план, објавија меѓународен тендер и во 2012 ја избраа австриската компанија „АСА Интернешнл“ за концесионер кој ќе управува со отпадот во југоисточна Македонија. На јавниот повик конкурирале 8 странски компании, од кои 4 продолжиле во втората фаза, 3 австриски и една италијанска фирма. Но, и по три години преговори договорот со Австријците не можеше да се склучи.
„Денеска преговорите се застанати до местото за утврдување на цената за домаќинство односно утврдување на цената по глава на жител. Во тој преговарачки дел се наметна цената како битен фактор посебно кај руралните средини кај што нема воспоставен систем на собирање на отпад или кај што има воспоставено па имаме многу минимални и нереални цени на наплата и тука застанаа процедурите. Веке повеќе од една година се тапка во место, како ќе биде понатаму не знаеме“, вели за НОВА Ристо Чивчиев од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.
На ова реагираа и од партијата ДОМ, кои за НОВА велат дека се крајно разочарани од таквиот потег.
„Ова покажува дека управувањето со отпад во земјава е жртва на локални игри и интереси. Ако им била потребна владина поддршка за решавање на старите диви депонии, за да дојдат до пониска цена за ѓубрарина, требало тоа да го кажат на почетокот и да издејствуваат грантови кои постојат за таа намена, а не да го пролонгираат процесот во стилот сакам-нејќам“, се вели во реакцијата на ДОМ.
Причината за прекин на постапката градоначалниците на десетте општини од југоисточниот регион ја гледаат во австриската компанија АСА која според нив се однесувала како монопол.
„Една од причините за прекин на постапката е цената. Ние инсистиравме таа да биде намалена, додека тие за урбаните општини бараа истата да изнесува над 525 денари месечно, а за руралните над 300 денари, што не е прифатлива за нас. Втората причина е тоа што понудија многу ниска цена на механизацијата на комуналните претпријатија. И една од главните причини е што Австријците сакаа општините да бидат гарант за неплаќачите на сметките, вели Ванчо Стојанов, градоначалник на општина Василево и претседател на советот на градоначалници за југоисточниот плански регион.
Тој истакна дека Австријците во државите каде оваа компанија ја има концесијата за управување со отпадот, цените се многу пониски во споредба од тие кои биле побарани тука.
Во иста насока се и тврдењата на градоначалникот на општина Босилово, Љупчо Колев. Според него постојат многу недефинирани работи како треба д се одвиваат активностите околу депонијата.
„Во делот на наплатата Австријците барат општините да се јават како гарант за неплаќачите, а тоа значи доколку кај нас не се заврши постапката за наплата во рок од три месеци самите тие да си ги повлечат средствата од фондот што ќе значи повлекување на средствата од буџетот на нашитеопштини, изјави Колев за НОВА.
Неофицијално, извори за НОВА велат дека во моментот во игра за регионалната депонинја е гермаснка компанија. НОВА праша дел од градоначалниците колку има вистина во тоа и за која компанија се работи. Одговорот беше дека засега неама никакви преговори со германска компанија.
„На последниот состанок е договорено секој градоначалник да бара решение на проблемот и евентуален инвеститор. Стекнавме големо искуство од овој процес и има повеќе компании кои се заинтерисирани за изградба на регионалната депонија, но ќе видиме како ќе биде понатаму“, вели градоначалникот на Василево.
Југот задушен во ѓубре
Југоисточниот регион на годишно ниво има 42.000 тони цврст отпад, а моментално постојат 4 поголеми депонии и околу 700 мали, селски и маалски депонии. Регионалната депонија требаше да значи и крај за овие диви депонии кои во голема мера ја загадуваат почвата.
„Сегашната ситуација е катастрофална, депониите не се санитарни и почвените води се загадени“, велат за НОВА од Центарот за југоисточен регион.
За придобивките од регионалната депонија потврдија и од еколошкото друштво „Планетум“. Од таму велат дека придобивките од изградба на санитарна депонија во с. Добрашинци ќе биде од голема корист за животната средина, а уште повеќе ако биде пропратена со организиран систем на собирање на отпад кој претходно ќе биде селектиран.
Дива депонија во селото Добрашанци
„Сето тоа може да придонесе до искористување на отпадот како секундарна суровина ако истиот се рециклира или реупотребува, можност за добивањена енергија од отпадот, што практично ќе значи и зачувување на дел од природните ресурси со кои располага Македонија. Изградбата на санитарната депонија ќе значи и зачувување на потпочвените води од загадување, а исто така и помалку загадување на воздухот во самата околина каде се наоѓа депонијата“, вели Митко од Планетум.
Диви депонии – за некого отров, за некого парче леб
Свињи јадат од депонијата во селото Добрашинци
Екипата на НОВА ги посети и жителите на селото Добрашинци кое е најблиску до локацијата на сегашната депонија и местото каде требаше да биде лоцирана регионалната. Селото брои околу 300 домаќинства и се наоѓа на само 500 метри од депонијата. Жителите велат дека буквално не се дише кога се пали отпадот бидејќи друг начин за да се ослободат од него нема. Нема каде да се складира, нема кој да го собере.
„Триесет години живееме вака“, се жали Ѓоко Вучковски, жител на селото. „Се е загадено од отпадот што се фрла, се фрла буквално секаков отпад, од медицински до животински. Нивите што се во близина на депонијата не се обработуваат, зошто и почвата и водата е загадена. Навечер кога се пали отпадот се прави огромен смок во воздухот и не се дише, вели претседателот на месната заедница“, Ѓоко Вучковски.
Но депонијата за дел од тамошните жители значи и начин на егзистенција. Велат дека половина село во моментот егзистира токму од собирање на пластични шишиња од депонијата. Еден од нив е и Назим Рифадов, кој секојдневно веќе со години егзистира од собирање шишиња.
„Тешка е маката да одиш секој ден на депонијата за да извадиш за леб. Неподнослива е ареата што се шири, но мора од нешто да живееме. Страшно е тоа што фаќаме разни болести, пред извесно време ми се инфицираше ногата па морав да одам по болници. На целата мака кога со недели и месеци собираме шишиња, државата ни наплаќа седум отсто од средствата кои ги добиваме од отпадот што го носиме, раскажува Назим за НОВА.
Назим (лево) и Ацо(десно) одмораат пред селската продавница после работата на депонијата
Отидовме и на депонијата каде што затекнавме десетина млади луѓе од ромска националност. Велат секој ден сме овде да извадиме за леб. Назим за НОВА вели нема од што друго да преживееме.
„Од овде вадиме по 100 денари на ден за да се прехраниме, тешко е но нема од што друго. Имам 31 година, дома имам жена и деца, никој не е вработен и затоа морам да доаѓам овде. Никој не не вработува, тука собираме отпад речиси половина село. Не размислуваме дали ќе фатиме некаква болест, едноставно мора да извадиме за леб, но и од тоа не се издржува“, раскажува Назим.
Рудникот за злато во Иловица закана за животната средина сметаат жителите
Во струмичко закана за животната средина е и рудникот за злато во селото Иловица, сметаат тамошните жители. Уште една голема инвестиција која сее страв меѓу жителите на Иловица и соседното село Штука кои се под капата на општина Босилово со вкупно 14260 жители и површина од 149,5 километри квадратни. Опшината се наоѓа во средишниот дел на плодното струмичко поле, помеѓу планините Огражден и Беласица.
На терен тамошните жители кои ги прашавме не веруваат дека нема да се загади средината.
„Се работи се испитува секој ден, нас никој не не прашува дали се согласуваме. Богатството што господ ни го дал сакаат да го уништат“, вели Славчо Иванов“, жител на селото Штука.
„Нема шанси да нема загадување на водата, нашите куќи се многу блиску до местото од каде што ќе почне да се ископува“, вели Иљо Малинов.
За дел мештаните кои на овој проект гледаат со неверување, единствено што може да се очекува е како што велат загадување на водата и уништување на богатството што го поседува селото. Жителите се плашат дека е многу блиску до самите куќи местото наречено „Чукар“од каде што треба да се започне со откопување.
За инвеститорот канадската компанија „Еуромакс” не постои стравување од загадување на животната средина.
Од пи – ар агенцијата „ Image“ велат дека заштитата на животната средина и на интересите на локалните жители е меѓу основните приоритети на Еуромакс и на проектот Иловица уште од самиот негов почеток.
На 27.09.2012 година Министерството за животна средина и просторно планирање донесе одлука за одобрување на Студијата за оценка на влијанието врз животната средина на проектот: Површински коп за бакар и злато на локалитетот „Иловица“ во општина Босилово. Одлуката, меѓу другото, го наведува следното:
„Предложениот проект предвидува експлоатација, подготовка на минералните суровини и флотација на бакарна руда со содржина на злато, сребро и молибден од наоѓалиштето „Иловица“ во близина на селата Иловица и Штука во општина Босилово. Проектот е нова инвестиција што вклучува постројки за експлоатација на руди на бакар и производство на бакарен концентрат со флотација, т.е. таканаречена „гринфилд“ инвестиција.“
Со оглед на тоа дозволата која ја има издадено државата за оваа инвестиција ја дефинира постапката како производство на концентрат со флотација. Оттаму не постои никаква можност за користење на друга постапка, вклучително и онаа со употреба на цијанид, се наведува во одговорот од агенцијата.