Шефот на македонската дипломатија, Бугар Османи е во работна посета на САД, каде во тек е Стратешкиот дијалог меѓу двете земји, но почувствувал обврска да се произнесе по последните пораки што пристигнуваат од Софија во врска со пристапот на бугарскиот државен врв за отпочнување на процесот на преговори на Македонија за членство во Европската Унија (ЕУ).
„Јас сум во редовна комуникација со министерката за надворешни работи на Бугарија, со цел да обезбедиме засилување на разговорите во престојниот период на сите нивоа меѓу двете министерства, во насока на надминување на разликите за време на француското претседателство. Постојат бројни иницијативи од нашите меѓународни партнери, со свои идеи да се вклучат во овие разговори, меѓу кои е, секако, и Франција, како актуелен претседавач со Советот на Европската Унија. Сите инволвирани страни во процесот даваат максимални напори да се обезбеди предлог на маса, кој ќе го крене ветото за нашите европски интеграции, кое воедно би било во согласност со позициите на кои Владата се обврза преку декларацијата во Собранието“, напиша Османи попладнево на Фејсбук.
На Стратешкиот дијалог во Вашингтон, присуствува владина делегација предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи во чиј состав се и министрите за одбрана, Славјанка Петровска, за економија – Крешник Бектеши и за култура – Бисера Костадиновска Стојчевска. Дополнително, преку видео-конференциска врска на Стратешкиот дијалог ќе се приклучи и заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
По завршување на Стратешкиот дијалог ќе биде донесена Заедничка изјава меѓу Северна Македонија и САД, со која ќе бидат реафирмирани заедничките заложби за натамошно надградување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји.
Инаку, Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што отвора Стратешки дијалог со САД, кој воедно претставува надградба на досегашното стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво.