Автори: Борис Георгиевски и Сашка Цветковска
Познати македонски бизнисмени, политичари и државни службеници имаат отворено свои фирми во оф-шор државата Панама. Според документите до кои дојде НОВА, во Панама се регистрирани најмалку пет фирми чии сопственици се македонски државјани. Заедничко за сите фирми е тоа што се основани со основен влог од 10 илјади американски долари во периодот меѓу 1999. и 2002. година.
Имињата на дел од македонските граѓани кои поседуваат фирма во Панама коинцидираат со имињата на актуелниот сопственик на македонската национална ТВ Канал 5, Вања Гавриловски и Марјан Стојменов, синот на поранешниот сосптвеник на истата телевизија и актуелен пратеник во парламентот Борис Стојменов. Заедничката фирма на која според документите од државниот панамски регистер се впишани овие имиња се вика се вика Санлајн Трејдинг (Sunline Trading S.A.) и е регистрирана на 9. септември 1999 година, во периодот кога Борис Стојменов е министер за финансии во владата на РМ формирана од Љубчо Георгиевски. Покрај Гавриловски и Стојменов, името на третиот основач на фирмата коинцидира со името на сопругата на Марјан Стојменов, Мимоза Киковска-Стојменова, вработена како државен советник во министерството за правда. Од 2002 година го предводи секторот за европска интеграција и за меѓународна соработка.
Како висок функционер во министерството Киковска е редовен учесник на меѓународни правни собири и ја претставува Македонија во ГРЕКО (Group of States against Corruption -GRECO) при Советот на Европа како и во РАИ (Regional anti-corruption initiative) антикорупциско тело на 9 земји од Југоисточна Европа.
НОВА не успеа да ги добие на телефон ниту Марјан и Борис Стојменови, ниту, пак, Вања Гавриловски, но Мимоза Киковска Стојменова ја добивме на службениот телефон во министерството за правда. Киковска Стојменова тврди дека прв пат од нас слушнала дека има фирма со име како нејзиното во екс-даночниот рај Панама.
„Прв пат од вас слушам вакво нешто, јас немам никаква фирма, камоли во Панама. Па верувајте, јас никогаш не сум ни била во Панама“, вознемирено рече Киковска Стојменова.
И објаснивме дека заедно со неа во фирмата се јавува како основач и нејзниот сопруг Марјан Стојменов. Таа потврди дека има сопруг со такво име, но, повторно ни посочи дека тоа е за неа непознаница.
„Навистина не знам, мора да е некоја грешка, прв пат слушам верувајте ми“, велеше Киковска Стојменова.
Претседателот на Транспарентност Македонија, Сашо Ордановски, вели дека не е забрането да се поседуваат тие компании, но останува етичката дилема.
„Не е незаконски, но не е етички во случајот на советник на министерот за правда. Сепак, оф шор државите имаат проблематичен имиџ на пералници на пари“, вели Ордановски.
Во случајот со Санлајн Трејдинг се јавува и уште еден проблем, кој исто така, повеќе отвора етички отколку законски проблеми. Имено, самото постоење на фирмата, доколку овие три имиња навистина се истите личности, јасно укажува на поврзаност меѓу семејството Стојменов и Вања Гавриловски, кој во меѓувреме стана нов сопственик на националната телевизија Канал 5. Продажбата се случи во септември 2012 година, откако со новиот Закон за радиодифузна дејност им беше забрането на јавни функционери и членови на нивните семејства да основаат или да имаат удел во радија и во телевизии. Во спротивно Борис Стојменов ќе мораше да се откаже од својот пратенички мандат во македонското Собрание.
Kликнете долу на коцката десно за да зголемите сликата
Во моментов македонските закони се рестриктивни и на граѓаните им е забрането да имаат сметки во странство, а фирмите мора да ги пријавуваат. Институциите мора да водат регистри на инвестициите на Македонците во странство и обратно, вели поранешниот шеф на финансиската полиција, Миодраг Лабовиќ.
„Државата има право и да ги одземе таквите средства од банките во странство доколку не се легално пријавени, а за секоја инвестиција мора да има и покритие“ вели Лабовиќ.
Но, казните се прекршочни и изнесуваат 100 евра. Звучи малку, но, според поранешниот гувернер Петар Гошев законот кој забранува македонските граѓани да имаат сметки во странство е рестриктивен и веќе требало да се промени согласно Договорот за стабилизација и асоцијација. Она што тој го наоѓа за проблематично е оф шор државите како дестинација на парите од земјава.
Држави на тајни, пари и валканици
Според Гошев сите одливи и прилив од таканаречените даночни раеви мора внимателно да се следат.
„Оф шор дестинациите се најкусо речено меѓународна завера на најбогатите, а манипулацијата поддржана од владите. Тие не би постоеле да не постои корумпираната власт. Во мое време, ако ја паметите руската банка, нејзиниот сопственик сакаше да внесе голема сума на пари како инвестиција од Белизе. Јас тоа не го дозволив бидејќи не ме убеди во легалноста на парите и потоа тој мораше да си замине и да продаде тоа што има“, раскажува Гошев.
Оф шор државите обезбедуваат комплетна анонимност на оние кои таму отвораат сметки. Не само што се гарантира сопственоста на фирмата, туку се гарантира и сопственоста на финансиското работење. Панама неодамна попушти под меѓународниот притисок и го отвори својот регистер со имињата на сите оние кои поседувале или поседуваат фирми во таа држава.
„Сите тие инвестиции кои доаѓаат од такви земји во основа треба да фрлат сомнеж на чистотата на парите кои доаѓаат од таквите земји, треба да покренат проверки за легалноста на парите. Бидејќи оној кој е чист и работи легално не отвора фирми во оф шор дестинации. Таму се отвораат фирми за да се избегнат даноците или за да се сокриајт парите од трогвија со бело робје, оружје итн и потоа тие пари се легализираат во земји со слаби институции како Македонија“, вели професорот на факултетот за детективи и безбедност при универзитетот ФОН Владимир Пивоваров.
4,3 милијарди црни пари се одлеале од Македонија
Последниот извештај на „Глобал Фајненшл Интегрити“, светската организација која се занимава со следење на црните пари, откри дека вкупно 4,6 милијарди долари црни пари се одлеале од Македонија во периодот од 2001 до 2010 преку нелегални трансакции. Најголемиот дел од парите се одлеале во периодот 2007 до 2010, или три милијарди долари за четири години.
Милијардите од Македонија завршиле во оф шор дестинациите или даночните раеви како Маршалски острови, Панама, Кипар, Британските девствени острови, Швајцарија, Сејшели, Белизе, Винсент и Гренадин и други.
Според авторите на ова истражување трендот покажал дека во последните години, односно од 2009 па наваму сумите уште повеќе се зголемуваат.
– Ова има големи последици за економиите во развој. Сиромашните земји изгубиле речиси билион долари што би можеле да се искористат како инвестиции во здравството, образованието и инфраструктурата. Тоа се околу билион долари кои би можеле да се искористат за да се извлечат луѓето надвор од сиромаштијата и да се спасат животи – вели еден од авторите на студијата свестки економски експерти, Сара Фритас.
(Утре читајте: Кои се другите сопственици на фирми во Панама и кои познати македонски компании имаат сопственост во оф шор зоните)