Повредената нога го врати Жељко Вукелиќ дома од војната. Но, назад во Србија, повредената гордост го стави пред поинаков непријателски оган. Првите борбени редови го следеа како лузна.
„Тоа е исто како во Краина”, вели тој, споредувајќи го бојното поле каде се соочи со хрватските сили пред 20 години со неговиот денешен судир со владата во Белград.
„Седите таму и чекате нешто да се случи, но потоа го губите трпението и велите: ’Ајде да се убиваме едни со други’”.
Мажите кои некогаш носеа оружје во име на српската кауза сега се вооружуваат против српската држава. Тие го обвинуваат Белград дека ги предал со неплаќањето на платите и социјалните бенефиции.
„За два часа, може да соберам 20 мажи кои ќе бидат подготвени да бидат убиени ако им кажам,” вели Вукелиќ, нагласувајќи го очајот на неговите другари. Тој е секретар на СВС, најголемата организација на ветераните во земјата, која води кампања за добивање повеќе права.
Преку границата, лидерот на хрватските ветерани Мирко Љубичиќ, ги слуша со смирено лице вестите за кампањата, повремено негодувајќи како израз на сочувство кон проблемите на неговиот воен непријател.
Претседателот на загрепскиот огранок на ХВИДРА, моќно здружение на поранешни воени лица, Љубичиќ е горд на моќта на неговата организација.
„Ветераните сами може да соберат над 50.000 луѓе на јавен плоштад”, вели тој, потсетувајќи на неодамнешниот протест во Хрватска поради плановите за воведување патокази напишани на српска кирилица.
За разлика од Вукелиќ, Љубичиќ ја фали политиката на неговата влада кон нејзините поранешни војници. Тој вели дека следниот чекор за хрватските ветерани, како „докажани патриоти”, е да влезат во највисоките ешалони на бизнисот и политиката.
Тој дури смета дека неговите поранешни непријатели би можеле да извлечат поуки од неговата организација. „Слободно препорачајте ги нашите акции на ветераните во Србија”, вели тој.
Ова истражување подготвено од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) открива како загубите на Србија, и нејзиното негирање дека имала директна улога во поголемиот дел од борбите во 1990-тите, го обликувале нејзиниот став кон ветераните.
Не постои големо сочувство со стотиците илјади Срби кои се бореа во балканските војни. Нивниот имиџ во странство неизбришливо е поврзан со насилничко однесување и злосторства. Дури и сонародниците на српските ветерани изгледаат рамнодушни кон нив.
Љубичиќ и неговите соборци ги поздравуваат во Хрватска како „бранители” – термин со позитивни конотации. Србите, кои го зборуваат истиот јазик, ги опишуваат нивните поранешни војници со понеутрални термини – како „ветерани” или „борци” .
Надвор од законот
Во војните што ја уништија Југославија, териториите кои обезбедија поголема автономија или државност – како што се Хрватска, Косово, Словенија и Република Српска која е дел од Босна – се смета дека во крајна линија извојувале победа.
Ветераните кои се бореле за овие територии сега уживаат во големи пензии, бенефиции, социјална афирмација и степен на политичко влијание.
Нивната благосостојба претставува голем товар за сиромашните економии. Сепак, политичарите обично одлучуваат да платат, иако со тешко срце, наместо да ги иритираат оние за кои избирачите сметаат дека се борци за слобода.
Замрената економија на Србија е секако лошо подготвена да ги исполни барањата на нејзините ветерани. Неколку српски влади по ред не успејаа да протуркаат било какви закони кои ги признаваат ветераните како посебна категорија, што е предуслов за да им се доделат бенефиции.
Србија излезе како еден од најголемите губитници од 1990-тите. Во текот на таа деценија, раководството во Белград – и неговите сојузници – се бореа против Хрватите, Бошњаците, косовските Албанци и, конечно, со НАТО алијансата.
Областа под контрола на Белград, целата поранешна Федеративна Република Југославија, на крајот беше смалена и преименувана преку војна и поделба, оставајќи ја зад себе модерната држава Србија.
До крајот на 1990-тите, Хрватска и Косово зедоа големи делови од територијата каде што Србите живееле со векови. Луѓето кои избегаа по овие порази – вклучувајќи многу поранешни борци – се групирани во рамките на Србија, создавајќи ја најголемата популација на бегалци на Балканот. Раселените бројат околу 300.000 лица, или околу 4 проценти од вкупното население.
Сепак, од сите конфликти во таа деценија, Белград има официјално признаено како војна само еден – кратката конфронтација со силите на НАТО во 1999 година.
Државните записи ги забележуваат другите како востанија, судири или воени вежби – во согласност со аргументот на Белград дека се борел само да го зачува единството на Југославија.
За оние кои се бореа, ова предизвика проблем. Тие не можат лесно да добијат бенефиции за учество во војни кои никогаш официјално не се случиле, и од држава која во тоа време не постоела во нејзината сегашна форма.
Згора на се, не постои универзална дефиниција за српски ветеран, бидејќи борците биле регрутирани во различни капацитети и по различни основи.
Во меѓународниот имиџ за архетипски српски борец доминираат слики на воени водачи, како што е Аркан. Но групациите кои тој ги водеше беа малцинство, составени од криминалци, фудбалски хулигани и тврдокорни националисти.
Голем дел од борбите ги водеа нередовните воени сили и паравоените групи регрутирани од српските заедници во внатрешноста на Хрватска и Босна. Тие на моменти беа поткрепени од Југословенската армија претежно составена од српски регрути и некои професионални војници.
Сепак, Србија – за разлика од Хрватска, на пример – нема единствен, сеопфатен закон кој ќе се однесува на овие лица кои се во огромен број. Ветераните немаат никаков посебен статус или права, освен како граѓани.Нема ниту било каква веродостојна проценка за нивниот број.
Ветеранските групи велат дека станува збор за 800.000 лица. Оливера Марковиќ, социолог и експерт за поранешните борци, вели дека таа бројка може да биде некаде помеѓу 400.000 и 800.000.
Трауматизирани и изолирани
Во Србија и Хрватска, ветераните се организирани во стотици помали асоцијации, кои често се во судир едни со други. Иако некои од овие групи се блиски до националистичките партии, тие немаат директна политичка моќ.
Напротив, влијанието на ветераните во политиката се чини дека е пропорционално на нивниот статус во општеството. Во Хрватска, тие генерално се сметаат како херои – и затоа малкумина политичари би ризикувале да им се спротивстават.
„Ветераните дејствуваат како бранители на традицијата секогаш кога радикалните промени демнат во општеството”, вели Озрен Зунец, социолог на Универзитетот во Загреб, наведувајќи ги неодамнешните протести околу предлогот за воведување сообраќајни знаци на кирилица.
Според Марковиќ, српското општество се уште ги поврзува ветераните со воениот лидер на нивната земја, Слободан Милошевиќ. Ниту неговите поддржувачи, ниту неговите критичари немаат многу склоност кон поранешните војници.
„За оние кои биле против политиката на Милошевиќ, ветераните се негови убијци”, вели таа. „За оние кои го сакаат Милошевиќ, ветераните ја изгубиле војната.”
Во април оваа година, ветеран во едно српско село уби 13 луѓе, вклучувајќи ги членовите на неговото семејство. Масакрот, како и серијата на самоубиства што добија голем публицитет, ја засилија популарната предрасуда за ветераните како за проблематични отпадници. Многу од поранешните војници имаат здравствени и финансиски проблеми. Малкумина имаат пристап до бенефиции или нега.
Људевит Колар, поранешен воен здравствен работник кој помага при лекувањето на пост-трауматското растројство на ветераните, вели дека повеќето од неговите стари другари се во судир со општеството.
„Тие поминале низ ужасни нешта кои се уште ги прогонуваат”, вели тој. „Никој не ги разбира.”
Колар бил задолжен за идентификување на телата. Тој исто така бил трауматизиран, вели тој, и кога се вратил од фронтот „повеќе време бил пијан отколку буден”.
Драган Милакара, поранешен војник кој живее во Нови Сад, вели дека не зборува за војната. „Што да кажам? Дека видов куршум како разнесува дрвена греда во близина на мојата глава? Луѓето ме гледаа како да ја разнел мојата глава”, вели тој.
Милакара не очекува поддршка од властите. „Нема држава”, вели тој. „Ветераните ќе се соочат со истата судбина како лудаците во психијатриска установа. Се преправате дека ги лекувате, но всушност само чекате да умрат”.
Ветераните чувствуваат најголем презир кон владата во Белград, која тие ја гледаат како наследник на властите кои ги регрутирале во 1990-тите .
„Одбиени сме од сите”, вели Миле Милошевиќ, претседател на СВС, најголемата ветеранска организација во Србија. „Од нашите семејства, нашите соседи, нашите колеги – и најлошо од се, отфрлени од нашата земја”.
СВС е во конфликт со српската влада во врска со задоцнетите плати. Спорот произлегува од конфликтот со Косово во 1999 година, кој заврши со интервенцијата на НАТО.
Тужбата се разгледува во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. За Милошевиќ, кој ја следеше постапката, ова е иронично.
„Видов 17 судии од 17 европски земји, и речиси секој од нив е член на НАТО пактот. Тие не бомбардираа и сега мораме да бараме нивна заштита од нашата земја”, вели тој, удирајќи со тупаница на масата. „Човече, тоа е лудо!”
Повик за војна
До 1999 година, Белград не признаваше ниту еден од балканските конфликти како војни. Сепак, обезбедуваше воена помош, средства и персонал за српските заедници кои се бореа во Хрватска и Босна.
Официјалниот став за негирање на директната вклученост во борбите ги комплицира обидите на српските ветерани да бараат поголеми права.
„Се чини дека тие сакале да направат збрка од прашањето за ветераните од самиот почеток на војната”, вели Милан Живиќ, поранешен војник, кој сега живее во градот Бачка Паланка.
Живиќ вели дека тој бил повикан да учествува на фронтот иако печатот на неговата воена книшка велел дека учествува во „воени вежби”. Печатот служел како доказ за евиденција на војникот и тој влијаел на неговото право за стекнување идни бенефиции.
Откако се вратиле од првите борбени редови, Живиќ и неговите другари протестирале. Како резултат на тоа, секој од нив добил дополнителен печат во кој се наведува дека тие биле на „воена служба “.
Според Предраг Ивановиќ, претседател на здружението на воените ветерани инвалиди, многу поранешни војници не се во состојба да докажат дека биле ранети во борбите, бидејќи во нивните книшки нема печат дека биле на „воена служба“.
Српското министерство за одбрана не одговори на повиците на БИРН да даде коментар за погрешниот печат во книшките.
Меѓу српските заедници во Хрватска и Босна, повикот за учество во војната не секогаш доаѓал од државата. Често, бил објавуван од страна на локалните моќници и поткрепен со закани за „груба правда“.
„Јас не бев заинтересиран за војната. Која војна? Зошто? Но, тие ме принудија”, вели Милакара, ветеран кој сега живее во Нови Сад. Тој го опишува јавниот оглас во неговиот роден град Глина, сега дел од Хрватска.
„Еден румен тип, налик на Рамбо – со Браунинг митралез во едната рака и марама со пиратски черепи што му ја покриваше главата – стоеше на воено возило”, вели тој.
„Тој побара сите мажи на возраст меѓу 17 и 77 да се појават на одреден датум, и на одредено место. Оние кои одбија беа застрелани на самото место. Ете ти. Смееш да се спротивставиш?”
Одбранбени мерки
Некои аналитичари сугерираат дека Белград не ги исполнил барањата на ветераните, бидејќи тоа би можело да се смета како признавање на одговорноста за војните.
Пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Хрватска и Босна се обидоа да бараат отштета од Србија, тврдејќи дека самата држава – наместо нејзините лидери – ја сноси одговорноста за злосторствата извршени на нивна територија.
Спорот со Хрватска допрва треба да се реши. Одбраната на Србија во овој случај го тврди дека таа не постоела како држава во текот на 1990-тите – и затоа денес не може да биде тужена како таква. Теоретски, овој аргумент, исто така, може да се примени на било кое барање за пензии од страна на ветераните.
Во случајот покренат од страна на Босна, решен во 2007 година, судиите заклучија дека Србија не била директно одговорна за геноцид, иако можела да направи повеќе за да го спречи тоа.
Во текот на судењето, адвокатите на Босна тврделе дека српската држава била виновна затоа што од нејзината каса течеле пари до борците на нивната територија. Сепак, судиите не прифатиле дека ова укажува оти самата држава е одговорна.
Според Фон ван ден Биесен, холандски адвокат кој беше во босанскиот тим, отфрлањето на босанскиот аргумент би можел да и дозволи на Србија да ги плати своите ветерани без да мора да признае одговорност за војните.
За БИРН тој вели дека ако за време на војната исплатите за борците не биле прифатени како доказ за вината на државата, тогаш ни денес нема причина нивните пензии да се сметаат како доказ.
Српската влада не одговори на повиците на БИРН да даде коментар дали неисполнувањето на барањата на ветераните било поврзано со нејзиното негирање дека имала директна улога во балканските војни.
Според адвокатот кој ги бранеше српските лидери од обвиненијата за воени злосторства и кој сакаше да остане анонимен, желбата на Белград за влез во Европската унија , исто така, може да влијае врз нејзината политика кон ветераните.
Според него, договорот со поранешните војници би можел да биде лошо сфатен во западните престолнини, каде што може да се земе како ситна отстапка за националистите и како премолчено прифаќање за вмешаноста во балканските војни.
Тој вели дека државата веројатно смета дека е полесно да ги игнорира своите ветерани, отколку да му објасни на западот зошто им плаќа.
„Српската влада е веројатно помалку загрижена за правното прашање, отколку што е за перцепцијата”, вели адвокатот.
Удостоени со закон
Причините зошто Белград ги става на страна поранешните војници, исто така, може да лежат во политичката пресметка. Државата го прави тоа од проста причина што може да си го дозволи.
За разлика од нивните колеги во Хрватска, српските ветерани не уживаат голема наклонетост во јавноста. Политичарите ги одбија нивните побарувања од државната каса без страв од негодување.
До сега беа направени најмалку три нацрти на закон со кој ќе им се дадат поголеми права на ветераните. Но ниту еден не е ратификуван.
Еден предлог на СВС изработен според моделот на хрватското законодавство, беше доставен до парламентот, но не отиде понатаму.
Друг предлог, изготвен од страна на Саша Дујовиќ, лидер на мала политичка партија на ветераните поврзана со владејачките социјалисти, исто така чека во Парламентот.
„Бев уверуван … дека законот ќе дојде на дневен ред во октомври”, изјави Дујовиќ за БИРН. „Сепак, јас не знам дали или кога ќе биде донесен”.
Највисокиот функционер директно одговорен за ветераните, државниот секретар Негован Станковиќ, вели дека советот на владата има изработено трет нацрт-закон, кој би можел да биде подготвен за донесување до крајот на годината.
Додека поранешните војници на Србија се во правна неизвесност, на нивните хрватски колеги им е обезбедено место во историјата на својата земја.
„Нивните имиња ќе живеат во вечноста. Сакаме да им одадеме почит на овие луѓе на еден посебен начин”, вели Предраг Матиќ, министерот за ветерани на Хрватска.
Матиќ ја нагласува важноста да се има широк закон – каков што недостасува во Србија – со кој се регулираат односите на ветераните со државата.
„Законската дефиниција за тоа кој може да биде воен ветеран е важна зошто ги штити луѓето кои учествуваа во војната, нивните жени и деца”, вели тој за БИРН. „На крајот на краиштата, тоа значи решавање на здравствените, социјалните и економските проблеми со кои се соочуваат овие луѓе по војната.”
Хрватските ветерани имаат право на повластен третман, ако се пријават за јавно домување или за образование и вработување. Оние кои останале инвалиди во војните можат да очекуваат месечен надоместок во износ од 800 евра.
Исто така, по пензионирањето државата на своите поранешни борци им дава минимум месечна пензија од 260 евра. Сумата е блиска до хрватскиот просек, но нејзината најголема вредност лежи во гаранцијата дека таа им следува.
Србија не нуди таква загарантирана минимална пензија за поголемиот дел од своите ветерани, освен оние кои биле повредени или кои служеле како професионални војници.
„Посакувам да бев повреден, барем би имал некаков приход сега”, вели „Вања”, кој сам се пријавил да учествува во војната на возраст од 19 години.
Се борел во српските паравоени единици во Босна и Хрватска, а сега моли за милост во градот Бачка Паланка. Сиромашен, измачен и со растреперени раце, тој побара да не го цитираме со име.
Мирко Рудиќе новинар од Белград. Уредник е Нил Арун. Овој текст е дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, иницијатива на фондациите Robert Bosch Stiftungи ERSTE Foundation, во соработка соBalkan Investigative Reporting Network.