Предизборната треска и политиката ги ставија на штрек и директорите во училиштата, а некои од нив се комплетно влезени во „машината“што забораваат која е нивната благородна мисија, за која всушност добиваат плата од нас граѓаните. Повод за ова што ќе го раскажам е една случка во основното училиште „Браќа Миладиновци“, која ме натера да размислувам до каде се изместени работите, каде се границите, каква атмосфера и еуфорија владее таму каде што треба да надвладее разумот и да дојде до израз педагошкиот момент.
Во ова училиште политичката атмосфера и предизборието се чувствуваат уште од улица.
Екипата на НОВА беше шокирана од односот на раководство, вклучувајќи го и педагогот и секретарот, во ова училиште. Иако бевме дојдени за го посочиме училиштето како позитивен пример од минатото во однос на ромските медијатори и вклучувањето на ромските деца во образовниот процес, со претходна најава од медијатор, наидовме на отпор кој започна уште на врата од обезбедувањето. По кратко објаснување од медијаторот дека само пред 10 минути е договорена средба со директорката, вработениот од обезбедувањето рече дека таа е сега зафатена и не препрати кај секретарот.
Но, пред да влеземе кај него, не чекаше уште еден шок. Дојде педагогот, млада жена која на најнекултурен и груб начин започна да се пресметува со нас, да не напаѓа како новинари од поранешна А1, за некои само нејзе познати причини. Зборуваше со омраза и гнев и викаше гласно, не водејќи сметка дали ќе ја чујат децата во училниците. По ова, со неверување од она што ни се случува се упативме кај секретарот.
Тој со однапред осмислен одговор, без да одговори на нашето „добар ден“ категорички изјави дека нема да има средба, ниту снимање. Повторно во неверување, бидејќи разговорот беше договорен претходно, го прашавме од каде излезе сега ова. Тој одговори:„ Од општина Аеродром! Се јавивме и во општината не дозволија да се кажува ништо во врска со училиштето“.
Повторно се обидовме да му објасниме дека за нив како училиште е позитивно да бидат вклучени во тематскиот прилог за интеграција на ромските деца во училиштата, но секретарот остана на својот тврд став дека така му е наредено.
Во тој момент имав чувство дека сме ја згрешиле локацијата, дека се наоѓаме во затвор, а не во училиште каде се воспитуваат и учат деца.
Се сруши мојата верба дека има надеж за нашиот образовен систем, дека во него сигурно има луѓе на кои децата им се пред политиката, дека се трудат да ги надминат недостатоците кои ги има премногу и да го избришат впечатокот дека во образованието работат луѓе на кои не им е местото таму. Очигледно се излажав, имав премногу илузии. Гневот и политичката хистерија владееја со ситуацијата кај одговорните структури во училиштето.
По ова, обезбедувањето ни ја покажа вратата и ни рече дека смееме да снимаме само на улица подалеку од училиштето.
Нашата соговорничка, поранешен медијатор во ова училиште, ја снимавме на улица, а обезбедувањето за цело време стоеше на влезната врата на дворот и го следеше секое наше движење, ставајќи ни до знаење дека училиштето е забранета зона за јавноста. Тој остана да не следи се додека не се качивме во возилото и си заминавме од таму.
Да, ова се случуваше во училиште, во јавна установа, која поради природата на својата работа има одговорност пред граѓаните на оваа држава.
Ние, прилогот го реализиравме во едно друго училиште во друга скопска населба, каде што бевме примени добро и направивме конструктивно интервју, без да се најавиме однапред.
Сигурно и тие не се имуни и не се изземени од општата политичка атмосфера во државата, и кај нив постоеше стравот да не згрешат пред надлежните. Но, стручноста и разумот надвладеаја и ние заминавме задоволни од сработеното.
Но, остана она непријатно чувство од пречекот и односот на раководството и вработените во училиштето „Браќа Миладиновци“ во населбата Аеродром.
Се прашувам како е можно такви луѓе да управуваат со една воспитна установа, а при тоа да ги едуцираат децата неоптоварени од политичкото лудило, а во исто време да полагаат сметка пред партијата која ги поставила на раководни функции.
Толку ли пропагандата и политиката навлегоа во училиштата што некои од нив земаа толку сила и залет што не можат да го контролираат своето однесување?
Зашто таквата атмосфера очигледно го преплавила ова училиште, така што професионализмот беше ставен под нозете на една општинска наредба. Уплашени дека нивниот чекор ќе биде предмет на опсервација во општината одбија комуникација која за нив ќе значеше промоција, која рака на срце не ја заслужуваат.
Можеби и подобро што се заврши така бидејќи подоцна разбрав дека училиштето и не било баш на ниво на задачата во проектот за интеграција на ромските деца. На крајот на краиштата ромските деца од општина Аеродром, најдобро го знаат тоа.