Офир Фалк, помошник на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, во интервју за „Сандеј тајмс“ рече дека предлогот на Бајден за мир во Газа е „договор за кој Израел се согласил, но не е добар договор“. Тој додаде дека Израел сака ослободување на сите заложници.
Главниот советник за надворешна политика на Нетанјаху изјави дека Израел го прифатил рамковниот договор за ставање крај на војната, но нагласи дека има недостатоци и се уште треба да се работи на него, пренесува Гардијан.
-Има многу детали кои треба да се разработат, рече тој, додавајќи дека условите на Израел, вклучително и „ослободувањето на заложниците и уништувањето на Хамас како геноцидна терористичка организација“ не се променети.
Пред два дена Бајден претстави план со кој се предлага шестнеделен прекин на огнот, преговори за условите за траен прекин на непријателствата и обнова на Газа.
Двајцата екстремно десничарски коалициски партнери на Нетанјаху се заканија дека ќе ја напуштат владата доколку Нетанјаху прифати договор кој повикува на прекин на војната пред да се елиминира Хамас.
Палестинската милитантна група Хамас подоцна објави дека позитивно гледа на содржината на предлогот, но дека сè уште не е запознаена со деталите.